Претставата „Страв и надеж“ на Македонскиот народен театар (МНТ) во режија на Татјана Мандиќ-Ригонат победи на 60. издание на Македонскиот театарски фестивал (МТФ)„Војдан Чернодрински“ во Прилеп, кој завршува вечерва. Одлуката ја донесе жирито во состав: Снежана Коневски-Руси (претседателка) и членовите Дарко Лукиќ и Аида Буквиќ.
Наградата за најдобра режија ја доби Дејан Пројковски за претставата „Црнила“, поставена во продукција на Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“. Од вкупно 15 фестивалски признанија, четири не беа доделени и тоа за рекламен материјал, кореографија и сценски движења, современа сценска драматизација и адаптација, како и за современ драмски текст.
Образложувајќи ја одлуката за најдобра претстава, Коневски-Руси кажа дека „Страв и надеж“ претставува комплетно театарско остварување во кое сите сегменти функционираат складно.
„Сите актери се подеднакво вклучени во проектот заедно со музичарите. Видовме целокупна претстава која допира до публиката и се издвојува од останатите“, рече Коневски-Руси.
За најдобра главна машка улога е награден Димитар Ѓорѓиевски за ликот на Фезлиев во „Црнила“, додека наградата за главна женска улога ја доби Слаѓана Вујошевиќ за улогата на Констанца во претставата „Амадеус“ на Турскиот театар од Скопје.
Наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ ја доби Јеткин Сезеир за улогата на Амадеус во истоимената претстава, а Сара Спиркоска беше наградена за млада актерка за улогата на Неда во „Црнила“.
Наградите за сценографија и костимографија за претставата „Црнила“ ги добија Валентин Светозарев и Марија Пупучевска. Наградата за музика „Филип Стевановски“ ѝ беше доделена на Ирена Поповиќ-Драговиќ за музиката во „Страв и надеж“.
На прашањето зошто не се доделени четири награди, Дарко Лукиќ кажа дека фестивалот треба да продолжи да ја поттикнува и афирмира македонската драматургија.
„Сугерирам театрите многу повеќе да работат со македонски автори“, рече Лукиќ.
Наградите ќе бидат врачени вечерва во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Во чест на лауреатите, фестивалот ќе биде затворен со гостувањето на Београдско драмско позориште и изведбата на претставата „Црно злато“ од Дејан Дуковски, во режија на Оливер Фрљиќ.



