СТРИМИНГ ПЛАТФОРМИТЕ ГО ОЧЕКУВААТ СВОЈОТ ПРВ ОСКАР ЗА НАЈДОБАР ФИЛМ ВЕЧЕРВА, „МОЌТА НА КУЧЕТО“ ВОДИ СО 12 НОМИНАЦИИ

    СТРИМИНГ ПЛАТФОРМИТЕ ГО ОЧЕКУВААТ СВОЈОТ ПРВ ОСКАР ЗА НАЈДОБАР ФИЛМ ВЕЧЕРВА, „МОЌТА НА КУЧЕТО“ ВОДИ СО 12 НОМИНАЦИИОткако неколку пати извиси, „Нетфликс“ се надева дека конечно ќе успее со вестернот „Моќта на кучето“ (Фото: Нетфликс)

    Стриминг платформите се надеваат дека конечно ќе го дочекаат својот голем момент на Оскарите, зашто „Моќта на кучето“ и „КОДА“ важат за најголемите фаворити да бидат прогласени за најдобар филм на вечерашното доделување, кое по една година пауза се враќа во театарот „Долби“ во Лос Анџелес.

    Бавната вестерн драма на „Нетфликс“, „Моќта на кучето“, има најмногу номинации (12) и во прв момент се издвои како фаворит број еден, но на музичката комедија „КОДА“ значително ѝ пораснаа шансите откако помина одлично во сезоната на награди. Овој филм имаше премиера на фестивалот Санденс, за потоа да биде купен и дистрибуиран од „Епл+“.

    Осум од годинашните 23 награди однапред ќе бидат снимени со цел да се заштеди време во преносот. Големите награди ќе одат во живо, но дел од оние техничките, како монтажа, звук и сценографија, ќе бидат доделени претходно. Претседателот на Академијата за филмска уметност и наука, Дејвид Рубин, кажа дека тоа е направено во интерес на ТВ-гледачите.

    По три години пауза, Оскарите повторно ќе имаат водител и тоа три, за што се избрани комичарките Ејми Шумер, Реџина Хол и Ванда Сајкс.

    Академијата оваа година воведе нова категорија, фаворит на фановите, за која одлучуваат гласовите на јавноста на социјалните мрежи и сајтовите од забавната индустрија. Победничкиот филм, сепак, нема да добие статуетка, а целта е да се привлече помладата публика.

    Меѓу најсигурните пикови е дека Вил Смит ќе добие оскар за најдобар актер, а откако „Медена земја“ пред две години испиша историја како првиот документарец кој истовремено беше номиниран и за најдобар странски филм, данскиот филм „Бегање“ сега одите и чекор подалеку. Тој е номиниран и за најдобар долгометражен анимиран филм.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира