СТУДЕНТИТЕ НА САРА ПРОЈКОВСКА СО ПЕСНАТА „КОГА ТЕ НЕМА“ ГИ РАСПЛАКАА СИТЕ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА НА ФМУ

    СТУДЕНТИТЕ НА САРА ПРОЈКОВСКА СО ПЕСНАТА „КОГА ТЕ НЕМА“ ГИ РАСПЛАКАА СИТЕ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА НА ФМУНа комеморацијата за професорката по пијано на ФМУ Сара Пројковска беа нејзините студенти, колеги и семејството (Фото: СДК.МК)

    Шеесет бели балони, во знак на почит кон жртвите кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани за време на концертот на групата „ДНК“ на 16 март, беа пуштени од терасата на Факултетот за музичка уметност (ФМУ) во Скопје по комеморацијата на Сара Пројковска, која беше професорка на ФМУ и придружен вокал на групата. Студенти на Пројковска ги расплакаа присутните на комеморацијата со песната „Кога те нема“ од Хелена Благне, чија музика ја напиша легендарниот композитор Кире Костов. Тој ѝ беше татко на Ана Костадиновска, професорка во средното музичко училиште, која исто така пееше придружни вокали на „ДНК“. Костадиновска закрепнува по пожарот на домашно лекување, а со Пројковска беа блиски како да се семејство.

    Во пожарот во кочанската дискотека загинаа и пејачот на „ДНК“, Андреј Ѓорѓиески, гитаристот Александар Коларов, тапанарот Ѓорги Ѓоргиев, клавијатуристот Филип Стевановски кој беше и директор на Центарот за култура во Штип, и Мартин Атанасовски кој настапуваше со бендот како битбоксер.

    Каролина Гочева беше блиска пријателка со Сара Пројквоска која пееше придружни вокали на нејзините настапи; – Со композиторот Никола Мицевски и менаџерот Филип Николовски од „Авалон“. (Фото: СДК.МК)

    „Сара беше жена светлина, жена карпа, лавица и добрица, фраерка и шизика. Иако носеше голем терет, со таа нејзина насмевка нѐ ослободуваше од сите грижи, таа на целото наше друштво ни беше утеха од реалниот свет. Кога ја запознав во средно училиште, и јас сонував да бидам како Сара. Страдаше за туѓите маки како да се нејзини, и се радуваше за туѓите успеси како да се нејзини. Дел од нас засекогаш ќе биде Сара“, рече Дарија Андовска, деканката на ФМУ.

    Пројковска беше самохрана мајка на две деца. Таа пееше придружни вокали на речиси сите поп пејачи во Македонија. Нејзиниот поранешен сопруг, џез трубачот и наставник по труба, Александар Николовски, почина на 48 години во 2021.

    На комеморацијата зборуваше и пејачката Биба Додева, која од 2022 живее во Загреб со сопругот Срѓан. Додева прочита песна посветена на Сара Пројковска од поетесата Ана Бунтеска, исто така блиска пријателка на Пројковска.

    Во чест на Пројковска настапи Оркестарот на солисти на ФМУ. (Фото: СДК.МК)

    „Сара знаеше од каде доаѓа и ја сакаше традицијата, своето семејство и Златко ги сакаше од срце како што само таа знаеше да сака. Во неа имаше музика која знаеше да нѐ орасположи и да тагуваме со неа како сега“, рече Биба Додева.

    Пијанистот Дино Имери кажа дека Пројковска, која беше позната по својата „заразна“ насмевка и специфичен хумор, на шега велела дека е вљубена во Бетовен и дека му била сопруга во поранешниот живот. Во нејзина чест, тој отсвире дело од Бетовен.

    Еден од најемотивните моменти на комеморацијата беше и настапот на Оркестарот на солисти на ФМУ. Настапот на студентите го расплака семејството на Пројковска, нејзината мајка, ќерката, синот, партнерот, колегите и пријателите кои дојдоа да ѝ оддадат почит. Деканката Андовска ги замоли присутните за последен аплауз за колешката на крајот. Балоните, на терасата на ФМУ ги пуштаа нејзините колеги и студенти, а беше отворена и книга на жалост.

    Во пожарот во неисправната и незаконска дискотека со фалсификувана лиценца „Пулс“ загинаа 59 млади луѓе, од кои 6 деца, а беа повредени 197 од кои 25 деца. Шеесеттата жртва е возачот на Брзата помош Иле Гоцевски, кој на 16 март цела ноќ превезувал повредени лица по пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, а починал кога си дошол дома.

    Засега, има вкупно 34 осомничени, од кои во притвор се 31, меѓу кои и тројца градоначалници на Кочани и тоа актуелниот во оставка Љупчо Папазов, како и поранешните Ратко Димитровски и Николчо Илијев, како и групата од 7 инспектори и началници од СВР Штип и од Полициската станица (ПС) Кочани кои давале позитивни мислења за неисправниот објект да добие дозвола од Министерството за економија. Тимот на обвинителите е зголемен на 11 истражители кои планираат да направат распит на над 300 сведоци.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира