СВЕТСКАТА ПРЕМИЕРА НА „ДОМАЌИНСТВО ЗА ПОЧЕТНИЦИ“ НА СТОЛЕВСКИ ВО СЕЛЕКЦИЈАТА ХОРИЗОНТИ ВО ВЕНЕЦИЈА

    СВЕТСКАТА ПРЕМИЕРА НА „ДОМАЌИНСТВО ЗА ПОЧЕТНИЦИ“ НА СТОЛЕВСКИ ВО СЕЛЕКЦИЈАТА ХОРИЗОНТИ ВО ВЕНЕЦИЈА„Домаќинство за почетници“ е прв македонски филм на Горан Столевски кој живе и работи во Австралија. (Фото: Синедејс/Принтскрин од видео)

    „Домаќинство за почетници“, третиот филм, а прв македонски, на македонско-австралискиот режисер Горан Столевски ќе има светска премиера во селекцијата Хоризонти на филмскиот фестивал во Венеција, соопшти денеска фестивалот.

    Столевски, кому ова му е трет филм за две години, е автор на наградуваните „Нема да си сама“ кој беше и австралиски кандидат за Оскар годинава, и на „Доволно возрасни“ (како што беше преведен на Синедејс, односно „За некоја година“ како што претпочита авторот).

    „Домаќинство за почетници“ беше поддржан од македонската Агенција за филм на конкурсот во 2020 со 350.000 евра, меѓу четворица дебитанти, а продуцентка на филмот е Марија Димитрова од „Лист продукција“. Филмот се снимаше лани во Скопје, а играат Сара Климоска, прочуената романска актерка Ана Марија Маринка и Романката Алина Шербан, Владимир Тинтор од Хрватска, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим, Ајше Усеини од Македонија и Розафа Целај од Косово и други професионални и непрофесионални актери од Македонија. Постпродукцијата се работеше на релација Европа – Австралија и тоа во Мелбурн, Аделаида, Гетеборг и Варшава.

    Директорот на Венеција Алберто Барбера, кој денеска ја објави селекцијата на годинешното 80. издание на фестивалот, рече дека филмот на Столевски е ведро истражување за тоа што значи денес семејството на Балканот, за родителството и за тоа што значи да си геј и Ром на овие простори. Барбера рече дека Столевски истражува една нова форма на семејна утопија на еден возбудлив и ангажиран начин.

    „Многу ме радува тоа што со продуцентката Марија Димитрова се враќаме токму во Венеција, каде што за прв пат концептот за ‘Домаќинство за почетници’ го развивме во работилницата на Биенале колеџ синема во 2019. Во меѓувреме, имавме прекрасно креативно искуство и створивме безброј убави спомени со нашата неуморна, феноменална екипа составена од ценети ветерани и возбудливи дебитанти. Мило ми е што сите емоции кои заедно ги вложивме во снимањето се најдоа и во завршениот филм, од кој бескрајно се гордеам“, вели режисерот Горан Столевски.

    Директор на фотографија е Наум Доксевски, Роза Трајческа-Ристовска е костимографка, Александара Чевреска е арт директорка, Горан Игњатовски е маскер. Ана Жежничек од Полска е сценографка, Леонора Мехмети Хоџа од Косово е дополнителен маскер, Ален Синкауз и Ненад Синкауз од Хрватска се композитори, Зоран Максимовиќ од Србија е снимател на тон и Ема Бортињон од Австралија е дизајнерка на звук.

    Филмот е поддржан и од Полскиот филмски институт, Филмскиот центар на Србија, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Косовскиот кинематографски центар. Останатите партнери се „Мадантс“ (Полска), „Кинорама“ (Хрватска), „Сенс продукција“ (Србија), „Индустриа филм“ (Косово), „Танго“ (САД), „Филм-и-Васт“ и „Комон граунд пикчерс“ (Шведска), „Козаверј филм“ и Аделаида филм фестивал (Австралија). „Њу Јуроп филм сејлс“ од Полска ги има светските права за продажба на филмот.

    Откако во 1994 „Пред дождот“ на Милчо Манчевски го освои Златниот лав во главната селекција, а во 2001 неговиот филм „Прашина“ го отвори фестивалот и во 2013 со „Четврток“ по повод 70-годишнината на Мостра беше поканет во екипата режисери да сними краток филм, ова е третпат македонски филм да биде во програмата на Венеција – лани Теона Митевска со „Најсреќниот човек на светот“ беше исто во Хоризонти, во 2002 „Судијата“ на Жанета Вангели беше во една во специјалните програми. Во 2012, Манчевски беше во жирито токму во селекцијата Хоризонти.

    Претседател на жирито на Хоризонти годинава е италијанскиот режисер, сценарист и продуцент Јонас Карпињано.

    Годинава, главната селекција за престижниот Златен лав е особено силна, меѓу 23-те конкуренти тука се и филмовите на Лик Бесон, Бредли Купер, Софија Копола, Дејвид Финчер, Матео Гароне, Рјусуке Хамагучи, Агњешка Холанд, Јоргос Лантимос, Пабло Лараин, Мајкл Мен, Малгоржата Шумовска. Меѓу 12-те филмови вон конкуренција се и новите на Роман Полански и на Вуди Ален.

    Со жирито за Златен лав претседава американскиот оскаровец Дамиен Чазел, а меѓу членовите се и режисерите Џејн Кемпион, Миа Хансен-Лув, Мартин Мекдона, Лаура Поитрас, Сантјаго Митре.

    Венеција годинава отвора на 30 август, со „Командаторе“ на италијанскиот автор Едоардо де Анџелис, откако Амазон го повлече „Предизвикувачи“ на Лука Гвадањино поради штрајкот на холивудските актери.  Фестивалот ќе трае до 9 септември.

    М. КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира