ТАБУАТА И ТРАУМИТЕ ГИ ПОСТАВИВ НА СЦЕНА ЗА ДА СЕ ПРОМЕНАТ НЕШТАТА, ВЕЛИ РЕЖИСЕРКАТА ВИТОШЕВИЌ ЗА НОВАТА ПРЕТСТАВА ВО МНТ

    ТАБУАТА И ТРАУМИТЕ ГИ ПОСТАВИВ НА СЦЕНА ЗА ДА СЕ ПРОМЕНАТ НЕШТАТА, ВЕЛИ РЕЖИСЕРКАТА ВИТОШЕВИЌ ЗА НОВАТА ПРЕТСТАВА ВО МНТПретставата е колаж од лични и емотивни приказни, преку кои на трагикомичен начин се отвараат различни потиснати проблеми со кои нашето општество постојано се соочува. - Нела Витошевиќ / Сара Климоска. (Фото: К. Галевски)

    Базирана на вистински приказни, новата претстава на режисерката Нела Витошевиќ „Работи за кои не зборуваме“, на 16 октомври (сабота) во 20 часот на малата сцена во Македонскиот народен театар (МНТ) ќе ги отвори прашањата за нетолеранцијата и дискриминацијата, за злоставувањето и насилството, за религијата, агресијата.

    Витошевиќ за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека процесот на подготовки за „Работи за кои не зборуваме“ траел прилично долго време. Во првата фаза распишале анонимен повик преку кој разни луѓе ги споделиле со нив своите искуства,  а подоцна ги селектирале сведоштвата кои ги користат во претставата. Селекцијата ја направиле во однос на темите за кои добиле најмногу сведоштва.

    „Оттука произлегоа и најдоминантните тематски оски, кои подоцна ги поврзавме и поткрепивме со медиумски текстови. Паралелно, низ разговори и вежби доаѓавме до аспекти кои најмногу нѐ интригираат нас како екипа, и за кои сметаме дека е потребно да се зборува. Пробавме да ги најдеме корените на овие проблеми и да ги споиме со нашите лични искуства. Па така, и низ личните монолози на актерите, почнувајќи од воспитувањето во детството па сѐ до денешните искуства, ги бараме причините за овие појави во современ контекст. Монолозите произлегуваат од процесот на работа помеѓу мене, актерите и драматургот. Ова е претстава која има тенденција да испровоцира разговор за да дојде до промени во општеството. Публиката ќе има можност да проследи низа на сцени кои зборуваат за проблеми и трауми со кои се соочува и единката и општеството, а кои се резултат на социјално воспоставените стеги и табуа. Ова е  колаж од лични и емотивни приказни, преку кои на трагикомичен начин се отвараат различни потиснати проблеми со кои нашето општество постојано се соочува“, вели Витошевиќ.

    Ивана Павлаковиќ (Фото: К. Галевски)

    Драматург e Викторија Рангелова-Петровска, а играат Драгана Костадиновска, Ивана Павлаковиќ, Сара Климоска, Никола Настоски и Исмет Шабановиќ. Сценографијата е на Васил Христов, костимите на Роза Трајческа-Ристовска, користена е музика на Крсте Роџевски, а изборот го направи режисерката.

    Витошевиќ во февруари 2020 во Драмски театар ја постави претставата „Мојот маж“, според шест раскази од истоимената збирка на Румена Бужаровска и документарен материјал произлезен од авторски монолози. Во фокус на таа претстава беа три теми: за промашен живот, потоа темата за неверството и темата на грижа на совест.

    Исмет Шабановиќ. (Фото: К. Галевски)

    На прашањето што ја заинтригира во овие ангажирани теми, работи за кои не се зборува во општеството, Витошевиќ ни рече дека патријахалното уредување и горливите женски прашања се теми кои сѐ повеќе ја интересираат и сѐ повеќе сака да ги продлабочува. Смета дека нашата средина сѐ уште не може да се ослободи од доминантниот „машки“ дискурс.

    „И јас самата се почесто се соочувам со овој проблем и пробувам да го освестам, па оттука и темелно му се посветувам во претставите. Мислам дека во ‘Работи за кои не зборуваме’ многу јасно се гледаат нашите позиции во однос на ова прашање како и критиката на балканското патријахално милје. Од друга страна, сметам дека пандемијата имаше негативно психолошко влијание врз колективот, ја извади на површина нетолеранцијата и низа девијантни појави. Па така, изолацијата произведе сѐ повеќе случаи на луѓе со депресија и анксиозност, насилството и агресијата врз жените се зголемија, се создаде несигурност кај луѓето и многумина се свртеа кон барање помош од ‘повисока сила’. Со други зборови, претставата рефлектира една атмосфера која е производ на нашето сегашно опкружување и тоа го прави на еден крајно интимен начин – преку лицето и гласот на денешниот човек“, вели Витошевиќ.

    Претставата е копродукција на „Вондерленд театар“ и МНТ, а финансирана од Швајцарската амбасада во земјава. Наредните изведби се закажани за 19 и 21 октомври.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира