ТАКТИЛНИ СЛИКИ СО МАКЕДОНСКОТО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО ДОСТАПНИ ЗА СЛЕПИТЕ ЛИЦА ВО АРХЕОЛОШКИОТ МУЗЕЈ

    ТАКТИЛНИ СЛИКИ СО МАКЕДОНСКОТО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО ДОСТАПНИ ЗА СЛЕПИТЕ ЛИЦА ВО АРХЕОЛОШКИОТ МУЗЕЈСлепите лица преку допир на релјефната површина можат да ги доловат експонатите како Бокалот Изник кој е редок примерок во светот и од истиот постојат само три, Големата Мајка, вотивни релјефи, теракотна икона, накит од средновековен период и останати артефакти.(Фото: Археолошки музеј)

    Од денес во Археолошкиот музеј на Северна Македонија се поставени десет тактилни слики со Брајово писмо за слепи лица и лица со оштетен вид. Секоја тактилна слика има свој QR код кој се поврзува со видеата на знаковен јазик и аудиоматеријалите. Станува збор за реализација на проектот „Пристапен музеј” поддржан од Балканската музејска мрежа.

    „Чест ни е што Археолошкиот музеј е прв во Скопје, каде дел од експонатите се претставени преку тактилни слики и истите се изложени во постојаната поставка, а со тоа музејот станува попристапен и им овозможува на слепите лица и лицата со оштетен вид да се запознаат со богатото културно наследство“, изјави директорката на Археолошкиот музеј Славица Бабамова на денешната промоција на тактилните слики.

    Слепите лица преку допир на релјефната површина можат да ги доловат експонатите како Бокалот Изник кој е редок примерок во светот и од истиот постојат само три, Големата Мајка, вотивни релјефи, теракотна икона, накит од средновековен период и останати артефакти.

    „ Она што нашите членови, слепите и слабовидните лица имаа можност да го почувствуваат со срцето во земјите од Европската Унија станува реалност и секојдневие и тука. Ако човек за миг ги затвори очите и со прст почне да ја ‘отчитува’ сликата ќе увиди дека Браевите релјефни слики се толку професионално изработени и дека истите се оригинални реплики. Дури и човек со оштетен вид може во својата замисла да ја нацрта оригиналната слика, а доколку една слика допре до секој поединец тогаш допрела до душите на многу лица.Чест и задоволство ни е што се унапредува музејската дејност во најстариот, Археолошки музеј во поглед на лицата со оштетен вид. Само преку почитување на правата на лицата со попреченост ќе создадеме едно општество за сите“, изјави генералниот секретар на Националниот сојуз на слепи лица Стерја Димов.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира