ТАМУ НЕКАДЕ, НЕКОЈ СПРЕМА ГОЛЕМ КАСТИНГ, РЕЧЕ ТОНИ МИХАЈЛОВСКИ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА ЗЛАТКО СЛАВЕНСКИ

    ТАМУ НЕКАДЕ, НЕКОЈ СПРЕМА ГОЛЕМ КАСТИНГ, РЕЧЕ ТОНИ МИХАЈЛОВСКИ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА ЗЛАТКО СЛАВЕНСКИ„Кај нас во театарот, мртвите на крајот од претставата стануваат и се поклонуваат пред публиката и добиваат аплауз. А овде, поклонот е изоставен. Останува само аплаузот“, низ солзи говореше Тони Михајловски на комеморацијата на ФДУ за починатиот режисер и професор Златко Славенски (Фото: К. Попов )

    Златко Славенски беше најголем театарски патник, човек на светлината, еден од ретките кои се занимаваа со театарот и додека спиеја и додека се будни, рекоа тетарџиите за нивниот колега и пријател на денешната комеморација на Факултетот за драмски уметности (ФДУ). Режисерот, професор и шеф катедрата за театарска режија Славенски ненадејно почина завчера на 53 години, а беше погребан вчера на градските гробишта Бутел во Скопје.

    Сопругата на Славенски, актерката од Македонскиот народен театар Искра Ветерова (Фото: К. Попов )

    Актерот Тони Михајловски рече дека доаѓаат мигови во животот што се спротивни на нивната професија кога на човек му е полесно да се расплаче отколку било што да каже.

    „Обично кај глумците е обратно, полесно е да кажеме, отколку да заплачеме. Во вакви мигови човек се прашува дали треба да зборува за тагата, за празнотијата која е очигледна и те распорува од темето до петиците или треба да зборува за онаа светла страна што човекот ја носи со себе. Бидејќи Златко Славенски беше човек на светлината. Човек со насмевка, човек што знаеше да те сослуша, прегрне, да те прифати и да ти помогне. Јас инсистирам да гледам на оваа посветла страна. Затоа што таа не ми ја исчезнува болката, но на некој начин ми ја ублажува. За мене Златко значеше многу во театарскиот живот, бидејќи беше човекот кој неколку пати ми довери големи задачи. Па така, заедно ја будевме пролетта, заедно ги гледавме облаците и им ги баравме формите и го најдовме папокот на светот. А тоа беше љубовта. И омилена му беше онаа: да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, ако љубов немам, тогаш ништо не сум. За жал, на прашањето што ми го поставија на оваа сцена пред 30 години, дали театарот е повеќе или помалку од животот, со вакви случки го наоѓам одговорот дека животот е многу посуров од театарот. Кај нас во театарот, мртвите на крајот од претставата стануваат и се поклонуваат пред публиката и добиваат аплауз. А овде, поклонот е изоставен. Останува само аплаузот. Очигледно дека таму некаде некој спрема голем проект, прави некаков кастинг на којшто очигледно сите сме повикани. Нека ни одѕвонува во ушите вечно аплаузот за сите негови човечки, режисерки, татковски, другарски остварувања“, низ солзи говореше Михајловски.

    Актерката Арна Шијак (Фото: К. Попов )

    „Најмногу би сакала да сум тука како сништата на Златко на сцена. Како и досега. Како дел од неговата лична иконографија, драговолно ставена во служба на истражуавњето на човекот, светот, нашата заедничка љубов и вистина. Знаете, не секој автор се одважува на овие правци, не секој е подготвен да излезе од зоната на удобност, од проверената рецептура или веќе изгазените патеки, свои или туѓи. Златко Славенски беше, е и ќе биде еден од малкуте духовни двигатели во нашето театарско постоење, еден ретките што се бавеа со театарот и додека спиеја и додека се будни. Еден од ретките добронамерници во нашиот суров театарски бекстејџ. Нашиот најголем театарски патник, секогаш подготвен за повисоките сфери, пред и над сѐ беше добар човек. Ни го остави аманетот, да се работи чесно, да им се осветлува патот на сите содружници во патувањето што се вика претстава, да се биде благ и добар, да се биде буден и додека се сонува, да се љуби вистината и да се пребива во светлината. И затоа сме тука да се поздравиме, ама не и да се збогуваме со нашиот ѕвезден пријател Златко Славенски“, емотивно говореше актерката Арна Шијак.

    Режисерот Александар Поповски (Фото: К. Попов )

    Деканот на ФДУ Лазар Секуловски и актерот Ѓорѓи Јолевски, рекоа дека без сомнение Славенски го красеа скромност, едноставност, интелект, талент, упорност, пожртвуваност, стручност, трпение, разбирање, посветеност.

    Режисерите Слободан Унковски и Коле Ангеловски (Фото: К. Попов )

    Славенски е режисер на голем број театарски проекти, има реализирано повеќе јавно изведени театарски проекти како „Безљубни“, „Сината птица“; „Инфинити“ „Кафкаски круг со креда“,„Соларис“, „Супернова“, „Бесови“, „Визија“, „Времеплов“, „И коњите ги убиваат, зарем не?“, „Побрзи од светлината“, „Спиро Црне“, „Летот на пчела околу една калинка, неколку секунди пред будење“, „Троил и Кресида“, „Розенкранц и Гилдестерн се мртви“, „Амадеус“, „Злосторство и казна“, „Пречистување“,„Време за сонување“, „Казабалкан“, „Будење на пролетта“, „Пер Гинт“,„Собрани дела на Вилијам Шекспир“, „Папокот на светот“ и други.

    Актерот Ѓорѓи Јолевски и професорката Синоличка Трпкова (Фото: К. Попов )

    Во текот на својата кариера има добиено голем број награди: награда за најдобра претстава на Македонскиот театарски фестивал (МТФ) „Војдан Чернодрински“ за претставата „Розенкранц и Гилдестерн се мртви“, награда на ревијата „Екран“ за најдобра претстава „Амадеус“, награда на весникот „Нова Македонија“ на МТФ „Војдан Чернодрински“ за претставата „Будење на пролетта“, награда на весникот „Нова Македонија“ за најдобра претстава на Фестивалот Охридско лето, за претставата „Пер Гинт “.

    Од ФДУ велат дека до крајот на овој семестар, м-р Славенски требаше да го одбрани докторскиот труд на тема „Адаптација на драма во филмско сценарио“ и да се стекне со звање доктор по уметности.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Режисерот Антонио Митриќески (Фото: К. Попов )

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира