Глумицата Тања Павловска- Кочовска по 24-годишна успешна и наградувана кариера во Театарот за деца и младинци (ТДМ), од 1 август стана дел од Македонскиот народен театар (МНТ). Нејзиниот сопруг Предраг Павловски од ТДМ замина во Драмскиот театар. Кочовска во 2015 прв пат работеше во МНТ, на мјузиклот „Чикаго“ на покана на режисерката Наташа Поплавска.
„Целокупниот процес на работа на ‘Чикаго’ помина беспрекорно, па нормално и претставата помина многу успешно. Уште тогаш, тогашниот директор на МНТ, Дејан Пројковски ми рече дека театарот има потреба од актер како мене. Јас во тоа време не размислував така. Многу ми беше тешко после 24 години да размислувам на ‘разделба’ со Театарот за деца и младинци, театар на кој практично јас и уште седум актери на некој начин бевме основачи , негови деца“, вели Кочовска.
Еден ден, бугарскиот режисер Александар Морфов лично ја повикал да биде дел од проектот „Животот е прекрасен“ и Кочовска почнала да размислува да замине во МНТ.
„Тоа ми го потврди и режисерот Морфов откако на една прес-конференција заедно со Пројковски јавно ме потсетија дека треба да бидам дел од ансамблот на Македонскиот народен театар. После подолго размислување, сфатив дека ‘децата’ растат и дека во животот треба да тргнат и по друг пат“, додава таа.
Кочовска од лани игра и во претставата „Тартиф“ на Галин Стоев, а периодов ја очекуваат пробите за новите претстави „Кец на десетка“ и мјузиклот „Мама миа“. Таа потенцира оти заедно со Предраг продолжуваат да ги играат претставите во ТДМ. Па сепак, вели таа, ТДМ е дел од нивните души.
„За 24 години се случија многу многу работи. Милион случки, милион убави реакции од децата, милион дружби на патувања. Една од најсмешните случки е кога случајно се сопнав и ја повлеков целата сценографија. Нормално, и јас и сценографијата бевме паднати на сцена, јас бев сплеткана во завесите од сценографијата и од смеење не можев да се отплеткам. Имаше пет минути смеење и од публиката и од мене, сè додека не дојде еден згоден татко и не ме отплетка. И нормално, претставата до крај беше интерактивна (хахахахах)“, издвои Кочовска една од многуте анегдоти.
Што се однесува до реакциите на децата, глумицата раскажува дека за време на претставите се маѓепсани и ги следат со огромно внимание, а кога ќе заврши претставата, им пристапуваат на глумците со боенките и им бараат автограми.
„Сакаат и да се сликаат и да се дружат со нас и ние нормално им го овозможувавме тоа. Се радувавме на секое патување, затоа што и додека патувавме и додека престојувавме на местата каде се одржуваа фестивалите, интензивно се дружевме и забавувавме. Едноставно преубав период за паметење, период кој никој не може да ми го избрише, себично го чувам“, вели Кочовска.
Б. НЕСТОРОСКА