ТЕАТРИТЕ, МУЗЕИТЕ И ФЕСТИВАЛИТЕ ЌЕ ГИ ВРАТАТ ПАРИТЕ АКО ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАТА НЕ ГИ РЕАЛИЗИРААТ ПРОЕКТИТЕ ПОРАДИ КОРОНАКРИЗАТА

    ТЕАТРИТЕ, МУЗЕИТЕ И ФЕСТИВАЛИТЕ ЌЕ ГИ ВРАТАТ ПАРИТЕ АКО ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАТА НЕ ГИ РЕАЛИЗИРААТ ПРОЕКТИТЕ ПОРАДИ КОРОНАКРИЗАТАПо одлуката на Владата, повеќе настани како Скопскиот филмски фестивал, „Танц фест“, Офф-фест се одложија за наесен. - Од отворањето на Скопскиот филмски фестивал во 2018. (Фото: СДК.МК)

    Парите од одобрените проекти на институциите во културата и на културните работници кои поради коронакризата нема да ги реализираат проектите до крајот на годината, ќе се враќаат во буџетот, велат од  Министерството за култура и додаваат дека ги исплаќаат проектите за кои е извесна реализацијата.

    „Во услови на вонредна состојба и вонредно функционирање во Министерството за култура, средства од буџетот, согласно потпишаните договори, се исплаќаат за проектите за кои е извесна реализацијата и за кои не постојат пречки поврзани со состојбите предизвикани од коронавирусот. Согласно законските прописи, средства се исплаќаат за реализирани проекти, а оние кои согласно потпишаните договори нема да се реализираат, средствата се враќаат во буџетот“, велат од кабинетот на министерот Хусни Исмаили.

    Институциите во културата се затворени од 10 март, со одлука на Владата како превентивна мерка за спречување на ширењето на заразата. Со оглед на тоа дека Годишната програма за култура беше објавена на 14 февруари, институциите речиси не ни стигнаа да ги почнат проектите.

    По одлуката на Владата, повеќе настани како Скопскиот филмски фестивал, „Танц фест“, Офф-фест се одложија за наесен, Мајските оперски вечери се дигитални, а сѐ уште нема информации за одржувањата на Охридско лето, Струшките вечери на поезијата, Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

    На прашања на Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК, дали имаат план Б што ќе се случи ако не се одржат овие фестивали, од Министерството ни рекоа дека се прават анализи и за можните варијанти за реализација на проектите согласно мерките и препораките на Владата поврзани со состојбите предизвикани од коронавирусот.

    „Како и досега, така и во периодот што следи внимателно ќе се следи состојбата и проектите кои опфаќаат јавни настани, концерти, претстави и слично ќе се реализираат согласно препораките на Комисијата за заразни болести при Институтот за јавно здравје“, ни рекоа оттаму.

    Од националните институции, досега само Филхармонијата објави дека се откажува од договорот со Министерството за култура за меѓународно претставување на институцијата во 2020 година. Станува збор за износ од 2.300.000 денари кои биле наменети за меѓународно претставување на институцијата и презентација на македонската култура во светот.

    Во Министерството за култура ги прашавме и дали се подготвува некаква стратегија за онлајн изведби или настапи на отворено на уметници, актери, музичари, а оттаму велат: „Ги поддржуваме сите иницијативи на националните институции, на здруженијата и на уметниците кои на различни начини преку своите канали на Интернет во континуитет ги споделуваат своите содржини со пошироката јавност. На тој начин културата го дава својот благороден придонес во олеснување на карантинот оджувајќи го контактот со својата публика“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира