Цел живот беше во сенка на други, а, всушност, беше најголемиот генијалец во семејството, кажа Игор Џамбазов на комеморацијата посветена на неговиот татко Александар Џамбазов, легендарниот композитор и диригент или, едноставно, маестро, кој почина во вторникот на 85 години.
Стотина луѓе се собраа во фоајето на Националната опера и балет (НОБ) за да му искажат почит и благодарност на еден од најплодните македонски музички творци, кој особено е заслужен за развојот и популаризацијата на детската и забавната музика. Место со минута молчење, комеморацијата беше отворена со минута музика и минута аплауз.
„Ви благодарам за оваа огромна доза на љубов што ја имате кон вашиот омилен маестро, вашиот чичко Ацо, вашиот Џамбаз. Еден кроток, мил господин, човек чие спомнување предизвикуваше насмевка кај луѓето. Знаеше да каже: ‘Што сум јас? Цел живот бев зет на Петре, па маж на Анче, па татко на Тања и Игор, а што сум јас?‘ Сега ќе ти кажам, ти си маестро“, рече Игор Џамбазов во емотивното кратко обраќање.
Роден во Војводина, Џамбазов пораснал во Штип и Скопје, а по дипломирањето во Белград почнал да работи во Радио-телевизија Скопје и таму остана до пензионирањето, неколку децении диригирајќи со Танцовиот оркестар. Покрај тоа што неуморно компонираше, беше и основоположник на два значајни фестивала: Скопскиот за забавни мелодии и детскиот „Златно славјче“.
„Ацо беше човек кој беше многу непосреден, кој ги сакаше луѓето, со кој можеше на секоја тема да се разговара. Таков беше и во музиката и не случајно создаваше во сите жанрови. Кога дипломиравме, тој прво бараше од нас да компонираме детски песни, но не секоја песна што ќе ја направевме беше прифатена од него. Водеше сметка за гласовните можности за децата, за психологијата на децата, за нивните изведувачки можности, песните мораа да бидат погодни за нивните возраст и лични афинитети“, се присети композиторот Стојан Стојков.
Укажувајќи на огромниот авторски опус на Џамбазов, директорката на Здружението за заштита на авторски музички права, Антонета Токовска-Дуковска, истакна дека негово досие брои точно 982 авторски дела.
„Господин тешко се станува, таков треба да се родиш. А, таква привилегија имаат малку луѓе. Маестро Џамбазов беше едноставно тоа, роден господин. Ќе го паметиме по добрината, хуморот, посебниот шарм, генијалноста пар екселанс. Дојдовме овде да се поклониме и да кажеме едно големо благодарам за секој момент, секој збор со кој нѐ почести“, кажа Токовска-Дуковска.
Г. КОНЕВ