Помина една година откако беше изгласан Законот за употреба на македонскиот јазик и сѐ уште не се применува, а не е формиран ниту Инспекторат кој треба да врши надзор за примената на Законот. Собранието го изгласа Законот на 26 јануари 2024, една година после првата јавна расправа. Предлогот-законот го подготвија тогашниот состав на Советот за македонски јазик и Министерството за култура, кога министерка беше Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Инспекторат не беше формиран од јануари до јуни, до заминувањето на Костадиновска-Стојчевска, период во кој во Македонија имаше парламентарни и претседателски избори.
Од Министерството за култура и туризам, каде Зоран Љутков е на функцијата од јуни, на нашето прашање зошто сѐ уште не е формиран Инспекторатот, ни рекоа дека очекуваат Владата да именува директор на Инспекторатот, а во согласност со Законот, со именувањето на директорот ќе започне и работата на Инспекторатот.
Од Владата велат дека работат на усогласување на Законот за употреба на македонскиот јазик.
„Очекуваме до крајот на јануари да завршат процедуралните измени на Законот откако Министерството за култура прерасна во Министерство за култура и туризам. Веднаш потоа ќе стартува примената на ова законско решение, по што Владата ќе именува директор на Инспекторатот за употреба на македонскиот стандарден јазик. Во согласност со Законот, со именувањето на директорот ќе започне и работата на Инспекторатот“, велат од Владата за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Со овој закон, меѓудругото, пропишано е задолжително лекторирање на сите материјали со објавување на лекторот и задолжително вработување лектори по македонски јазик во сите јавни институции и органи на власта.
„Со доследната примена на овој закон, ќе се пристапи кон вработување лектори по македонски јазик во сите државни институции и агенции, во училиштата, во издавачките куќи, во медиумите и секако дека со тоа ќе се зголеми интересот за студирање македонски јазик“, рекоа лани од Министерството за култура.
Од овој закон поизлегуваат важни иницијативи, меѓу кои и стипендирање ученици во четврта година од средното образование и на додипломски, магистерски и докторски студии.
Проф. д-р Искра Пановска-Димкова, раководителка на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, лани во ноември рече дека ако почне да се применува законот, кој треба да го замени стариот од 1998, ќе биде многу олеснето и вработувањето на кадарот што завршил македонски јазик, со оглед дека законот пропишува задолжително лекторирање на сите материјали, вработување лектори во сите државни институции, издавачки куќи, медиуми.
„Законот што се донесе сѐ уште не е влезен во сила. Таму беше предвидено формирање Инспекторат, што не е случено. Во меѓувреме имавме избори, претпоставуваме дека им треба на луѓето време за да се снајдат на новите позиции, но очекуваме во најскоро време тоа да се случи“, рече лани Пановска-Димкова.
Според Пановска-Димкова, со примената на Законот за употреба на македонскиот јазик се очекува да се зголеми и интересот за студирање македонски јазик. Во академската 2024/2025 година, на Катедрата за македонски јазик се запишале 20-ина студенти, слично колку и лани.
Б. НЕСТОРОСКА