Претставата „Црна дупка“ од Горан Стефановски во режија на Љупчо Ѓоргиевски, продукција на Центарот за култура „Антон Панов“ од Струмица ја доби наградата за уметничко остварување на претстава во целина на 58. издание на Македонскиот театарски фестивал (МТФ) „Војдан Чернодрински“, кој завршува денес.
Најмногу награди, седум, доби „Иванов“ на Македонскиот народен театар (МНТ), и тоа Зоја Бузалковска за режија, Дарја Ризова за главна женска улога, Ѓорѓи Јолевски за машка епизодна улога, Григор Јовановски за најдобар млад актер, Александар Зарапчиев и Нина Деан за кореографија и сценски движења, Зоран Кардула за рекламниот материјал. Наградени се и: Илина Ангеловска, Тодор Дајевски и Бузалковска за сценографија.
Наградите ги соопшти жири-комисијата во состав Марина Миливојевиќ-Маѓарев (претседателка) и членовите Марина Катниќ-Бакаршиќ и Варја Ѓукиќ.
Актерот Васил Михаил за улогата во претставата „Црна дупка“ ја доби наградата за најдобра машка главна улога, а за улогата во истата претстава Анкица Бенинова ја доби наградата за женска епизодна улога.
Јована Миладинова е наградена за најдобра млада актерка за улогата во претставата „Едвард Втори“, во режија на Андриј Жолдак, копродукција на Велешки театар копродукција со Драмски театар Масалитинов, Пловдив, Бугарија.
Ристо Вртев ја доби наградата за музиката во претставата „Дупло дно“ , режија на Наташа Поплавска, на Прилепски театар, а Симон Мачабели и Раде Василев се наградени за костимите во претставата „Едвард Втори“.
Награда за современа сценска драматизација и адаптација се доделува на колективот на претставата „Франкенштајн“ на Театарот за деца и младинци од Скопје.
Специјално признание за колективна актерска игра на ансамблот на претставата „На дното“ од Максим Горки, во режија на Ќендрим Ријани, продукција на Битолски театар. Не се додели награда за современ драмски текст.
Наградите ќе бидат врачени вечерва на свеченото затворање на фестивалот, во 19:30 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“.
Б. НЕСТОРОСКА