Претставата „Бог на масакрот“ од Јасмина Реза, во режија на Билге Емин е последната претстава на Турски театар за оваа сезона. Премиерно се игра вечерва од 20 часот на сцената на Театар Комедија, каде е сместен ансамблот на Турски театар изминативе години.
„Бог на масакрот“ на француската писателка Реза е еден од најпоставуваните текстови во светот и кај нас, според кој и режисерот Роман Полански го сними филмот во 2011.
„Две теми се важни во овој текст, дивјаштвото во човекот и надменоста. Текстот говори за две деца на 11-годишна возраст кои ќе се спречкаат и во таа тепачка, едното од нив ќе му ги скрши забите на другото дете. Родителите на децата се договараат да се сретнат и да ги решат проблемит“, вели режисерката Емин.
Емин, која е родена скопјанка, а често работи во театрите низ Турција, вели оти е е среќна што во „Бог на масакрот“ работела со луѓе кои ѝ припаѓаат на истата генерација со која таа се дружела од детството и со кои и денес разменуваат исти мислења и ставови.
Играат Сузан Акбелге, Филиз Ахмет, Џенап Самет и Селпин Керим. Сценографијата е на Татјана Блажевска-Христоска, костимите на Марија Пупучевска.
В. д. директорката на Турски, Несрин Таир рече дека со „Бог на масакрот“ ќе ја почнат новата театарска сезона после 10 септември, а до крајот на годината ќе имаат уште една премиера, „Зад затворени врати“.
Б. НЕСТОРОСКА