Во Собранието едногласно беше донесен Законот за основање Факултет за медицински науки и здравство во состав на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ (УКЛО) во Битола. Со оваа одлука, донесена на 11 јуни, Високата медицинска школа прераснува во Факултет. Досега студиите во Школата беа тригодишни, односно 6 семестри, а сега Факултетот ќе овозможи факултетско образование за истите профили. Поточно, четиригодишни студиски програми за медицинска сестра, акушерка и медицински биохемичар, како и стручни тригодишни студиски програми за медицинска сестра/техничар, акушерка, медицинско-лабораториски аналитичар, радиолошки технолог, физиотерапевт и санитарен инженер.
Запишувањето на првата генерација студенти е предвидено за следната, академска 2027/2028 година.
„Оваа одлука претставува значаен исчекор во унапредувањето на високото образование и историски момент за развојот на сестринската и акушерската професија. По повеќедецениски напори и континуирана работа, медицинските сестри и акушерките добиваат можност за целосен академски и научен развој во рамките на сопствените професионални области“, соопштија од Битолскиот универзитет.
Со донесувањето на овој закон, се укина претходниот, Законот за Медицински факултет донесен во Собранието на 28 март 2024 за време на претходната власт и објавен во Службен весник на 2 април 2024. Во него остануваше Високата медицинска школа за студиска едукација на медицински сестри, но беа предвидени студии за доктори, стоматолози и фармацевти. Иако се предвидуваше Факултетот да почне со работа во студиската 2024/2025 година, тоа не се случи.
Традицијата на високо образование за медицински сестри на национално ниво започна во Битола пред 38 години. Денес, речиси четири децении подоцна, таа традиција прераснува во факултет кој ќе создава нови генерации здравствени работници. Отворањето Медицински факултет е дамнешна желба на битолчани, со оглед на тоа дека е втората најстара високообразовна установа од областа на медицинските науки во државата. Денес во Битола недостасува лекарски кадар, а никогаш не доби факултет за студиска едукација на доктори, иако на други универзитети тоа се случи.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски, на прес-конференцијата на 21 мај кажа дека скоро сите јавни здравствени установи имаат веројатно вишок на доктори, а недостигаат медицински сестри и кадар за поддршка на здравствена работа.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



