На 28 октомври во 19 часот во Мала станица, објект на Националната галерија на Македонија (НГМ), ќе се отвори изложба на дела од Менче Спировска, првата македонска академски образована сликарка по Втората светска војна. Нејзиното уметничко творештво за првпат беше претставено во мај лани во Културно информативниот центар (КИЦ) на Македонија во Загреб.
Мена Спировска, позната како Менче, завршила средно уметничко училиште во Скопје, и потоа заминала на Академија во Загреб, каде била заедно во класата со Ордан Петлески и со нејзиниот иден сопруг сликарот и графичар Драгутин Аврамовски-Гуте, кој е еден од основоположниците на македонската модерна уметност. Спировска се вратила во Скопје во 1955 и има огромно влијание за модерноста и еманципацијата на македонското општество во периодот по Втората светска војна.
Изложбата „Менче Спировска – визуелни фасцинации со Загреб“ е реализирана како заеднички проект на Музејот за уметност и занаетчиство и КИЦ на Македонија, по повод одбележувањето на 145-годишнината од постоењето на Музејот за уметност и занаетчиство. Авторки и кураторки на изложбата се Антонија Дошен, музејска советничка и раководителка на Збирката графики и Збирката печатарство и книговезништво и Кораљка Влајо, музејска советничка и раководителка на збирките за графички и продукт-дизајн во Музејот за уметност и занаетчиство.
Поставката за првпат на македонската публика ќе ѝ го претстави целокупниот уметнички опус на Спировска, кој се чува во фондот на Музејот за уметност и занаетчиство, а настанал за време на нејзиниот престој на студии во Загреб.
Станува збор за пресек на нејзиното творештво, претставено преку 15 уметнички графики од Збирката графики на Музејот за уметност и занаетчиство, 16 дела, односно идејни решенија за графички дизајн од Збирката за графички дизајн на музејот, како и приватни фотографии од нејзиниот „загрепски период“, позајмени од нејзината ќерка Елизабета Аврамовска.
Централно место на изложбата зазема нејзиното досега единствено познато и неизложувано дело од областа на графичкиот дизајн, идејното решение за рекламниот туристички проспект „Загреб“, кое сега за првпат ќе биде изложено во целост. Делото е создадено за време на нејзините студии на некогашната истакната Академија за применета уметност во Загреб, која работела во периодот од 1948 до 1955 година и оставила значаен белег во развојот на применетата уметност, дизајнот и визуелната култура во Хрватска.
Станува збор за сложено и иновативно дело на Спировска, кое комбинира функционален дизајн, градска карта, илустрации на знаменитости и типографски истражувања на идентитетот на Загреб во 1950-тите години.
Истовремено, изложбата нуди увид и во нејзината дипломска графичка папка „Стари Загреб“, изработена во техниката на дрворез, во која таа прикажува меланхолични градски сцени лишени од човечко присуство, со изразен експресионистички пристап.
Изложбата го претставува и придонесот на македонските студенти кон загрепската уметничка сцена во 1950-тите години, при што Менче Спировска зазема посебно место како посредничка на културните и естетските вредности на двете земји.
И покрај краткиот период на активно уметничко творештво, нејзиниот опус останува значаен белег на едно време и еден простор, денес зачуван во збирките на музеи во Загреб, Скопје и Словенија.
Уметничкиот опус на Менче Спировска денес, освен во Збирката графики и Збирката за графички дизајн при Музејот за уметност и занаетчиство во Загреб, се чува и во Корошката галерија на ликовни уметности во Словенија, како и во Музејот на Град Скопје во Македонија.
Гостувањето произлегува од Спогодбата за зајакнување на културната соработка меѓу Хрватска и Македонија, потпишана во март оваа година.



