УМЕТНИКОТ ХЕЛИДОН ЃЕРЃИ ВО ЧИФТЕ СОЗДАДЕ АТМОСФЕРА НА АМАМ ОД ТУРСКО СО РИНГТОНОВИ, ИЗМЕШАНИ БАЛКАНСКИ МИРИСИ, ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА

    УМЕТНИКОТ ХЕЛИДОН ЃЕРЃИ ВО ЧИФТЕ СОЗДАДЕ АТМОСФЕРА НА АМАМ ОД ТУРСКО СО РИНГТОНОВИ, ИЗМЕШАНИ БАЛКАНСКИ МИРИСИ, ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈАСветски актуелниот современ уметник Хелидон Ѓерѓи во Скопје донесе визуелна, мирисна и звучна инсталација на тема комуникации, а ја постави во Чифте амам. Отворите на куполата во втората сала се покриени со уметнички слики кои се всушност емоциски знаци од виртуелната комуникација (емоџи) , и забележливо е дека речиси секоја од нив има нешто налик на шкртаница, алузија на овдешната Шарена револуција (Фото: М. Вилиќ)

    Препорака до сите љубители на уметноста кои се во Скопје во овој топол август, е да поминат во Чифте амам на концептуалната изложба на еден од најпровокативните актуелни современи уметници Хелидон Ѓерѓи, Албанец кој доаѓа од Бруклин.

    Хелидон има 47 години, и во светот се проби кога пред десет години го претстави својот проект за погреб на медиумите на Венециското биенале. Тој е дел од авторите кои со свои дигитални принтови учествувал во рефасадирањето на Тирана во 2009, а има учества на сите големи светски изложби, како и запазени дела и во јавни простори.

    Во Њујорк предава креативно мислење преку визуелната уметност. Со свои дигатлни принтови е застапен во рефасадирањето на Тирана, и за Скопје вели:„Со малку имагинација, со луѓе кои размислуваат различно, со помош однадвор, се е решливо. Важно е дека сте во добра насока“.- Хелидон Ѓерѓи со кураторката Ана Франговска и директоркта на Националната галерија Дита Старова-Ќерими (Фото: М. Вилиќ)

    Неколку дена во Скопје тој престојуваше за да ја постави оваа изложба, за која вели се инспирирал кога пред една година приватно ја посетил Македонија.

    Неговиот интерес се главно комуникациите, па на таа тема, на мешање на различностите, се занимава и во овој проект насловен  „(Х)ам(х)ам“.

    „Чифте е магичен простор. Ова е за мене фантастично искуство. Целата Старата чаршија е волшебна, и се чудам како не е заштитена од УНЕСКО. Ова што го имате низ овие сокаци е големо богатство“, вели Ѓерѓи.

    Во „(Х)ам(х)ам“, Ѓерѓи вообичаено користи различни изразни средства па  ја внесува публиката во целосно замаглен амам како од бањска пареа, од кој излегуваат најразлични звуци на модерни технологии (музички ефекти во соработка со албанскиот композитор Фатос Ќеримај), а од просторот извира и волшебен мирис кој буди различни емоции. Неговата првична алузија е на амамите кои овде во своето време биле место на најразлични комуникациии и социјализација на различните етнички заедници кои живееле на овие простори. Овие места ја иницирале и мотивирале комуникацијата помеѓу различни класи, ентикуми, религии.

    „Од денешен аспект пак, Чифте амамот е современо место за комуникација, што значи ја продолжува својата примарна улога, и токму тој спој на нејзината главна функција низ вековите е клучниот детерминатор на идејата на Хелидон Ѓерѓи“, вели кураторката од Националната галерија, Ана Франговска.

    Својот проект во Чифте, Ѓерѓи го започнува со поставени најразлични уметнички слики кои се всушност емоциски знаци од виртуелната комуникација (емоџи) со кои ги затвора пентагоналните отвори на куполата. Преку нив влегува светлина, и нивната структура е видлива на ѕидовите на амамот. Забележливо е дека речиси секое емоџи има нешто налик на шкртаница, алузија на овдешната Шарена револуција.

    Во втората сала ги спојува огледалата, залепени со кругови од зачини создавајќи ароматичен, апстрактен бескраен коридор во кој секоја страна се отсликува во другата во визуелна бесконечност (Фото: М. Вилиќ)

    Во втората сала тој комбинира два свои претходни проекти со кои ја привлече светската јавност на Биеналето во БиХ, и на паневропското биенале „Манифеста“. Овде ги спојува огледалата, залепени со кругови од зачини создавајќи ароматичен, апстрактен бескраен коридор во кој секоја страна се отсликува во другата во визуелна бесконечност. Има список на зачини од кујните на Македонија, Турција, ромската, како и од српската кујна, кои ги меша, но кои од списоците е видливо дека се многу слични, со разлики во нијанси.

    Третата сала е онаа што најмногу наликува на старите амами каде што публиката во силуети се движи во магична атмосфера пропратена со најразлични звуци од рингтонови.

    Третата сала е онаа што најмногу наликува на старите амами каде што публиката во силуети се движи во магична атмосфера пропратена со најразлични звуци од рингтонови (Фото: М. Вилиќ)

    Откако ја завршил Академијата во Тирана, по отворањето на Албанија, Хелидон заминува на усовршувања, најпрво во Италија, а потоа во Чикаго. Сега живее во Њујорк каде што и предава креативно мислење преку визуелната уметност.

    Токму тоа и го прашавме, како ќе ни помогне тој креативно да се справивме со Скопје, со Македонија. Насмеан и топол, тој вели дека ја следи политиката на Балканот и вели се чувствува дека е дојдено до смена на власта во Македонија. „Ова е добар момент за вашата земја. Во Албанија, во минатото имавме грдосии од објекти, што беше резултат на негрижа. Беше тоатален хаос, сите јавни простори беа уништени, изгледаше како сето тоа да треба да се остави, и да се гради нов град. Но со луѓе кои мислат различно, со малку имагинација, со помош однадвор, може сѐ да се реши. Кај вас е обратно отколку тогаш во Албанија, кај вас, со многу пари власта го угуши градот. Од сѐ има премногу. Но, сето ова е решливо. Ако се има визија работите може да се сменат не само од површината, туку и одвнатре. Фасадите е толку лесно да се решат, се надеваме дека се зградите добри, модерни зашто во нив се вложени многу пари. Ова е добро време да се тргне во добра насока“, вели светски признатиот уметник, познат меѓу другото и по своите визуелни интервенции во јавни простори.

    Изложбата на Хелидон Ѓерѓи е отворена до 24 август, во Чифте амам.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари