УМЕТНИКОТ ПЕТРЕ НИКОЛОСКИ ЈА КАНИ ЈАВНОСТА ВО ЧИФТЕ АМАМ ДА ПРИДОНЕСЕ ЗА КОЛЕКТИВЕН ПРОЕКТ

    УМЕТНИКОТ ПЕТРЕ НИКОЛОСКИ ЈА КАНИ ЈАВНОСТА ВО ЧИФТЕ АМАМ ДА ПРИДОНЕСЕ ЗА КОЛЕКТИВЕН ПРОЕКТНиколоски и Националната галерија на Македонија велат дека од писателите и издавачите се бара по можност да донираат без ограничување и цензура по два примероци од исто објавено дело, а придонесот на читателите ќе биде по една книга исто така без количинско ограничување и цензура

    Вечерва во 19 часот во НГМ- Чифте амам, ќе се отвори изложбата ‘Приватно –Јавно’, на која ќе биде претставена идејата за делата ‘Бесконечност’ на уметникот Петре Николоски кој живее во Англија.

    Изложбата „Бесконечност“ на Николоски е најавена за ноември годинава, и затоа до 13 февруари е предвидена активноста, со цел собирање на материјали за градење на просторните инсталации и скулптури.

    Николоски вели дека изминативе неколку години работи  на подготовка за колективни дела, инспирирани од современиот македонски и прилепски пејсаж, чиј досегашен резултат насловен „Приватно – Јавно“ ќе биде изложен во Чифте амам.

    „ Поканети се љубителите на уметноста, но и преставници на издавачките куќи, исто така и членовите на научните, културните и образовните институции и оние кои самостојно делуваат и преку пишаниот збор ја дефинираат мислата, вклучувајќи и педагози и читатели, за нивен придонес во реконструкцијата на сознанијата за менталната мапа на македонскиот и прилепскиот современ пејсаж. Тие преку изложените макети и скици ќе го видат нивниот потенцијален алтруистички придонес во овие колективни ликовни дела“, вели Николоски.

    Изложбата која ќе се отвори вечерва во Чифте амам, ќе ја претстави идејата за проектот „Бесконечност“ на уметникот Николоски

    Од Националната галерија на Македонија велат дека од писателите и издавачите се бара по можност да донираат без ограничување и цензура по два примероци од исто објавено дело, а придонесот на читателите ќе биде по една книга исто така без количинско ограничување и цензура.

    Примероците ќе бидат трајно изложени на полицата за книги, додека во моделирањето на скулптурата волуменот на овие книга ќе биде заменет со идентични дрвени копии.

    „Делата во ‘Бесконечност’ ќе бидат сочинети од три единици од кои во моделирањето на скулптурата ќе биде употребена едната книга на авторите, а другата ќе биди редоследно поставена на специјално направената полица, а во врамен графички приказ ќе бидат редоследно напишани насловите на книгите, имињата на нивните автори и донаторите.

    Книгата / Библиотеката ќе биди метафора и исто така примарен материјал во моделирањето на овие две (6 и 4 метри високи скулптури) во форма на обелиск чиј резултат ќе зависи од алтруистичкиот придонес на авторите на пишаниот збор и оние за кои книгата е поглед во вистината“, вели кураторката на проектот, Ана Франговска.

    Франговска додава оти заради несебичниот придонес на сите вклучени во изведбата, овие дела ќе бидат отстапени на неограничено користење на Националната галерија на Македонија, Библиотеката во Прилеп и на Националната и универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ во Скопје.

    „Социјално еколошката состојба на ‘Пејсажот што ме опкружува’е во центарот на творештвото на Николоски и често е резултат на соработка со професионалци но и личности кои по прв пат се соочуваат со ликовно дефинирање на мислата“, велат од НГМ.

    Николоски веќе работел на слично концепирани дела во Италија, Јапонија, Канада, Германија, Португалија, Босна и Херцеговина и во Велика Вританија.

    Б.НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира