УМЕТНИЦАТА НАДА ПРЉА Е МАКЕДОНСКИ ПРЕТСТАВНИК НА ВЕНЕЦИСКОТО БИЕНАЛЕ

    УМЕТНИЦАТА НАДА ПРЉА Е МАКЕДОНСКИ ПРЕТСТАВНИК НА ВЕНЕЦИСКОТО БИЕНАЛЕПрља која долги години живее во Лондон, во Венеција ќе оди со проектот „Субверзија во црвено“ (Фото: Официјален сајт на уметницата)

    Уметницата Нада Прља со проектот „Субверзија во црвено“ ќе ја претставува Македонија на 58. Венециско биенале на уметноста, кое ќе се одржи од 9 мај до 24 ноември. Носител на проектот е Музејот на современа уметност (МСУ), а е поддржан со 4 милиони денари од Министерството за култура.

    Прља долги години живее во Лондон, каде работела и како универзитетски предавач, графички дизајнер и уметнички директор. Има учествувано на повеќе биенални изложби, на над 80 групни изложби и јавни презентации.

    Министерството соопшти дека за национален претставник на најзначајната светска ликовна манифестација одлучувала комисијата во состав: професорите Мирко Вујисиќ и Тони Васиќ, како и Имер Бајрами.

    На Конкурсот пристигнале уште три пријави: од Националната галерија на Македонија (НГМ) за проектот „Мирисот на лебот“ од авторот Нехат Беќири, на Музејот на Град Скопје за проектот „А-Реакшн“ од Марија Павловска и самостојниот проект „Че биде“ од авторот Игор Јосифов.

    „При увидот во пријавите, комисијата утврди дека НГМ не ги исполнува условите пропишани во Конкурсот и токму затоа проектот на Беќири не беше земен предвид во натамошниот процес на разгледување и одлучување.
    Проектот на Прља, кој се издвои според тематската одреденица и методологијата во уметничкиот пристап низ неконвенционалните методи, е актуелен и интернационално референтен проект во културниот контекст и во однос на темата на Биеналето“, велат од кабинетот на министерот Асаф Адеми.

    Куратор на Биеналето е Ралф Ругоф, кој ја постави и генералната тема на манифестацијата: „Може да живееш во интересни времиња“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира