Уметноста нема да се предаде, таа е последната палуба каде што луѓето се заедно, порача синоќа актерот Никола Ристановски, во пораката од уметниците која традиционално се чита на свеченото отворање на Охридско лето во Античкиот театар.
„Уметноста е последната хумана интернационала. Нејзината палуба е последното место каде навистина сме заедно. На нејзиниот кораб се распнати едрата на убавината, дарбата, прозрачноста, слободата и едноставната верба. Верба на дете што некогаш само за миг ја прекинува својата детска игра за да откине парче леб од ноќвите, колку да не заборави на животот.На оној кој навистина се случува“, рече актерот од Македонскиот народен театар (МНТ).
Педесет и осмото издание на најголемиот фестивал во Македонија се отвори со познатиот сопран Елена Мошук, тенорот Калин Братеску , Македонската филхармонија и диригентот Николае Молдовеану.
Тие ги изведоа најпознатите и најпопуларните оперски арии од Џакомо Пучини, Чарлс Гуно, Пјетро Маскањи, Винченцо Белини и од Џузепе Верди, а на крајот, Мошук доби голем аплауз за изведбата на песната „Македонско девојче“ .
Охридско лето ќе трае до 20 август, а за вечерва во 21 во Центарот за култура „Григор Прличев“ е првиот настан од драмската програма, претставата „Стаклена менажерија“ од Тенеси Вилијамс, во режија на Софија Ристевска- Петрушева.
Д. ЧУБРИЌ