УТРЕ ПОГРЕБ, ЗАДУТРЕ КОМЕМОРАЦИЈА НА ФДУ ЗА ЗЛАТКО СЛАВЕНСКИ

    УТРЕ ПОГРЕБ, ЗАДУТРЕ КОМЕМОРАЦИЈА НА ФДУ ЗА ЗЛАТКО СЛАВЕНСКИРежисерот и професор Златко Славенски почина вчера на 53 години

    Режисерот и професор на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) Златко Славенски, кој почина вчера на 53 години, утре ќе биде погребан на градските гробишта Бутел во Скопје, велат од Факултетот. Посмртните останки ќе бидат изложени во капелата од 13 до 14 часот. Комеморацијата ќе се одржи на 11 април во 12 часот на ФДУ.

    Славенски е роден на 8 август 1966 , во Скопје, каде завршува основно и средно образование. Во 1986 се запишува на редовни студии на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Во 1988 во Лондон се запишува на студии по филмска режија на Меѓународната филмска школа. Поради стопирање на државната стипендија (во почетната фаза на распадот на СФРЈ), во 1990 го прекинува студирањето во Лондон и се враќа во Македонија, каде истата година се запишува на ФДУ , на отсекот за интермедијална режија, во класата на професорите Слободан Унковски и Столе Попов, диполомирајќи во 1994. Исто така, паралелно продолжува со прекинатите студии од општа и компаративна книжевност, каде дипломира во 1993.

    Во 1997 се вработува на ФДУ, како помлад асистент. Во 2016 е избран во звање редовен професор. Славенски е режисер на голем број театарски проекти,  има реализирано повеќе јавно изведени театарски проекти како штосе „Безљубни“, „Сината птица“; „Инфинити“ „Кафкаски круг со креда“,„Соларис“, „Супернова“, „Бесови“, „Визија“, „Времеплов“, „И коњите ги убиваат, зарем не?“, „Побрзи од светлината“, „Спиро Црне“, „Летот на пчела околу една калинка, неколку секунди пред будење“, „Троил и Кресида“, „Розенкранц и Гилдестерн се мртви“, „Амадеус“, „Злосторство и казна“, „Пречистување“,„Време за сонување“, „Казабалкан“, „Будење на пролетта“, „Пер Гинт“,„Собрани дела на Вилијам Шекспир“, „Папокот на светот“ и други.

    Во текот на својата кариера има добиено голем број награди: награда за најдобра претстава на Македонскиот театарски фестивал (МТФ) „Војдан Чернодрински“ за претставата „Розенкранц и Гилдестерн се мртви“, награда на ревијата „Екран“ за најдобра претстава „Амадеус“, награда на весникот „Нова Македонија“ на МТФ „Војдан Чернодрински“ за претставата „Будење на пролетта“, награда на весникот „Нова Македонија“ за најдобра претстава на Фестивалот Охридско лето, за претставата „Пер Гинт “.

    Автор е на книгата „0,1 – Краток вовед во бесконечноста“. Од ФДУ велат дека до крајот на овој семестар, м-р Славенски требаше да го одбрани докторскиот труд на тема „Адаптација на драма во филмско сценарио“ и да се стекне со звање доктор по уметности.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира