Министерството за култура и туризам утре ќе го објави конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес во културата. Ќе биде отворен до 31 октомври, а пријавувањето ќе се врши електронски преку националниот портал за е-услуги.
Министерот за култура Зоран Љутков на денешната прес-конференција рече дека новина е тоа што прецизно е утврдено кој вид проект колку средства максимално може да добие. Со тоа, како што рече Љутков, ќе се спречат злоупотреби кои се случувале досега, кога „од ракав се делеле пари“.
„Оценката на проектите ќе се врши согласно исполнувањето на општите услови кои се исти за сите подносители на проекти, како и исполнувањето на посебни услови што се јасно утврдени за секоја област поединечно. Согласно видовите проекти и во функција на транспарентна распределба на средствата, во пријавите за годишните конкурси оваа година прецизно е утврдено кој вид проект со колку средства максимално може да биде поддржан. Повеќе нема да има огромни дискрепанци во поддршката на проекти од ист вид, туку согласно анализите на претходно реализираните проекти, ќе бидат субвенционирани реалните потреби и трошоци на проектите“ рече Љутков.
Од оваа година нема да се финансираат интердисциплинарните проекти и креативните индустрии и за нив Министерството ќе преземе други мерки и активности по препорака од Државниот завод за ревизија.
За спроведување на конкурсот донесено е Упатство за утврдување на видовите на проектите што ќе се поддржуваат, приоритетите, условите за учество, мерилата и критериумите за оцена на проектите, како и Упатство за критериуми за именување членови на комисиите што ќе вршат оцена на пристигнатите проекти на конкурсите. Стручните комисии по области ќе бидат и јавно објавени.
„Целта е на најтранспарентен начин да се овозможи објективна и издржана евалуација на апликациите и да се поддржат квалитетни проекти кои ќе придонесат за развојно поместување на културата во нашата држава“, додаде Љутков.