УТРЕ ВО МАНУ ПРОМОЦИЈА НА 4 КАПИТАЛНИ КНИГИ ЗА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК – ЛИНГВИСТИТЕ СЕ ОБЕДИНИЈА ВО АРГУМЕНТИРАЊЕТО ЗА ЈАЗИКОТ

    УТРЕ ВО МАНУ ПРОМОЦИЈА НА 4 КАПИТАЛНИ КНИГИ ЗА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК – ЛИНГВИСТИТЕ СЕ ОБЕДИНИЈА ВО АРГУМЕНТИРАЊЕТО ЗА ЈАЗИКОТУтре во 10,30 часот на платото пред Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) ќе бидат промовирани 4 капитални изданија за македонскиот јазик. За овие капитални изданија за првпат се обединети МАНУ, Институтот за македонски јазик, Филолошкиот факултет и Советот за македонски јазик. (Фото: К. Попов)

    Утре во 10.30 часот на платото пред Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) ќе бидат промовирани 4 капитални изданија за македонскиот јазик, за чие излегување за првпат се обединети МАНУ, Институтот за македонски јазик, Филолошкиот факултет и Советот за македонски јазик.

    Според професорот Марјан Марковиќ од Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ во МАНУ и дописен член на МАНУ, на иницијатива на МАНУ и со целосна поддршка и вклученост на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Советот за македонски јазик, деновиве од печат излегоа делата: „Македонскиот јазик – континуитет во простор и време“, колективна монографија во којашто што е даден синтетски преглед на историскиот развој на македонскиот јазик од 19. век па сè до неговата кодификација; „Погледи за македонскиот јазик“, меѓународен зборник на трудови во којшто над 40 странски и македонски лингвисти имаат свои прилози за различни аспекти на македонскиот јазик; „Македонска хрестоматија“, избор на позначајни македонски текстови од 19 до 20 век век; и „Лингвистички атлас на македонските дијалекти (според материјалите на ОЛА)“ кој дава продлабочен увид во лексичкото богатство на македонските дијалекти. Сите овие дела се поставени и во дигитална форма на главната страница на МАНУ.

    На промоцијата ќе говорат претседателот на МАНУ академик Љупчо Коцарев, а книгите ќе ги промовираат академик Катица Ќулавкова, проф. д-р Снежана Велковска, проф. д-р Димитар Пандев и  Марковиќ.

    „Со излегувањето на овие значајни изданија за македонскиот јазик, а и со заедничката промоција, македонската лингвистичка средина се обединува за да даде вистински аргументирани и научни одговори за континуитетот и еволуцијата на македонскиот јазик, а и за неговото место во меѓународната славистика и лингвистика. Сакаме да покажеме дека науката цврсто стои зад научните аргументи и дека тие аргументи можат да и’ бидат само од полза на политиката при решавање на важни прашања во врска со јазикот“, велат од МАНУ.

    МАНУ лани на 3 декември  усвои Повелба за македонскиот јазик во којашто ги изнесува научно признатите факти за македонскиот јазик, како и улогата на МАНУ во проучувањето и афирмацијата на македонскиот јазик во домашни и во меѓународни рамки.

    „Повелбата ги зацврстува ставовите на МАНУ за потребата од засилена и континуирана поддршка на научните истражувања на македонскиот јазик и македонските дијалекти, водејќи се од строго научни начела. На тој начин, МАНУ ја истакнува својата определба дека најдобра заштита на македонскиот јазик е создавање услови за остварување на неговата улога на значаен фактор на општествената и културната интеграција во државата. Тоа е единствено можно преку систематско и координирано научно проучување и обработка на македонскиот јазик на сите нивоа, како во домашни, така и во меѓународни рамки. Повелбата за македонскиот јазик ја истакнува законската и статутарната обврска на МАНУ да ја остварува координативната и обединувачка улога во однос на приоритетните и фундаменталните научни истражувања на македонскиот јазик со другите научноистражувачки и високообразовни установи“, рекоа тогаш од МАНУ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира