„Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов, македонскиот документарен филм со историски две номинации за Оскар, вечерва ќе има светска ТВ-премиера на телевизијата Телма, во 19:20 часот. „Медена земја“ влезе во историјата на македонската и светската кинематографија со двете номинации за најдобар документарец и најдобар странски филм, но Оскарите во овие две категории во февруари годинава ги добија „Американска фабрика“ на Стивен Богнар и Џулија Рајнхард и „Паразит“ на јужнокорејскиот режисер Бонг Јон-хо.
Филмот е за Атиџе Муратова од овчеполското забито село Бекирлија, последната пчеларка на диви на пчели во Европа и нејзините напори да ги спаси пчелите од домашните пчелари, кои го нападнале нејзиниот имот и ѝ ја загрозиле живеачката.
- СУШАТА Е ПОГУБНА ЗА ПЧЕЛИТЕ И МОРАВ ОД КАРПИТЕ ДА ГИ СЕЛАМ ВО КОШНИЦИ, ВЕЛИ ПЧЕЛАРКАТА И ЅВЕЗДА НА „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ АТИЏЕ МУРАТОВА
- СЕКОЈ КОЈ Е РАЗОЧАРАН ШТО НЕМА ОСКАР ДА СЕ ПРЕИСПИТА, НАМ НИ СЕ СЛУЧИ ИСТОРИЈА, ВЕЛИ ЕКИПАТА НА „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ПО ДВЕТЕ НОМИНАЦИИ
Од продукцијата на „Медена земја“ велат дека од македонската кинопремиера на 29 август 2019 досега филмот го виделе вкупно 45.200 гледачи во кината и во домовите на култура, во 30 градови низ Македонија. Филмот беше на репертоарите на кината во Скопје повеќе од 13 недели. Другите градови во кои се прикажа „Медена земја“ се Битола, Кратово, Штип, Крива Паланка, Струга, Куманово, Охрид, Свети Николе, Делчево, Тетово, Гостивар, Пробиштип, Македонски Брод, Македонска Каменица, Неготино, Богданци, Крушево, Радовиш, Кичево, Прилеп, Пехчево, Гевгелија, Виница, Валандово, Берово, Демир Хисар, Струмица и Кавадарци.
Светската премиера ја имаше на фестивалот Санденс во јануари минатата година, каде што освои три престижни награди. Во Македонија премиерно беше прикажан на затворањето на фестивалот МакеДокс на 28 август лани, а од следниот ден почна да игра и в кино. Филмот учествуваше на повеќе од 80 филмски фестивали и освои над 40 меѓународни награди.
Б. НЕСТОРОСКА