СУШАТА Е ПОГУБНА ЗА ПЧЕЛИТЕ И МОРАВ ОД КАРПИТЕ ДА ГИ СЕЛАМ ВО КОШНИЦИ, ВЕЛИ ПЧЕЛАРКАТА И ЅВЕЗДА НА „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ АТИЏЕ МУРАТОВА

    СУШАТА Е ПОГУБНА ЗА ПЧЕЛИТЕ И МОРАВ ОД КАРПИТЕ ДА ГИ СЕЛАМ ВО КОШНИЦИ, ВЕЛИ ПЧЕЛАРКАТА И ЅВЕЗДА НА „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ АТИЏЕ МУРАТОВА„ Јануари добро поминавме, иако требаше снег да има досега. Страшно е за пчелите ако има снег во февруари, март. Во март се молам да не фати некое невреме. Од 22 март немаат гајле“, вели пчеларката Атиџе Муратова. Филмот за нејзиниот живот има две номинации за Оскар. (Фото: К. Попов)

    Промената на климата е погубна и за пчелите, вели ѕвездата на македонскиот документарец „Медена земја“, Атиџе Муратова. Последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, доби светска слава со филмот кој има историски две номинации за Оскар, за најдобар странски филм и документарец. Атиџе деновиве дојде од селото Дурфулија во Скопје, каде ги прави финалните подготовки за патувањето за Холивуд.

    Филмот на режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов е за нејзиниот фасцинантен живот, за пчеларката која одгледува диви пчели во зафрленото овчеполско село Бекирлија.

    Атиџе за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека мајка ѝ и татко ѝ чувале пчели, но таа не го памти татко ѝ, бидејќи живеел во Турција, и мајка ѝ имала голема желба Атиџе и нејзините браќа да се занимаваат со пчеларство, исто како дедо им. Атиџе од 12 години чува пчели и прави мед.

    Филмот на режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов е за нејзиниот фасцинантен живот. (Фото: К. Попов)

    Пчелите ги чува во карпите вели, а бидејќи беа сушни изминативе години, ги чувала во кошарина.
    „ 2018 и 2019 беа кризни за нив. Дека беа многу сушни морав да ги заштитувам и да не ги малтретирам дома. Во претходните години, во раните месеци раѓаа и ги враќав во карпите, да им биде поприродно. Сега бидејќи околу мене дојдоа многу пчелари, ги качувам сѐ повисоко и повисоко пчелите, подобро им е така. Ако пролетта биде врнежлива, тоа малку ќе им пречи. Јануари добро поминавме, иако требаше снег да има досега. Страшно е за пчелите ако има снег во февруари, март. Во март се молам да не фати некое невреме. Од 22 март немаат гајле“, вели пчеларката.

    Во мај ги собира пчелите, се ројат и пуштаат мед, а во септември го спрема медот. Атиџе вели дека после „Медена земја“, има многу нарачки за мед и дека има голем интерес за пчеларство. Од цела земја ѝ доаѓаат дома, и искусни пчелари и оние кои сакаат да почнат да се занимаваат со пчеларство, да ја прашуваат совети или каква ќе биде годината за пчелите. Се радува дека изминативе години внук ѝ изразил желба да биде пчелар и сега него го учи за нејзин наследник.

    „Тоа што го кажувам во филмот ‘Пола за пчелите, пола за мене’ ми е важно дека не само јас го кажувам во филмот, туку и дека цел свет го разбра, дека и вие сите новинарите со камерите и апаратите да го пренесете до сите.
    Како што ние луѓето се спремаме за зима, истото важи и за нив. Вие имате продавници, но ние немаме, и мора да се спремаме, да имаме јадење дома. Истото важи и за пчелата, мора да ѝ оставам мед за да има.
    Пола за мене, пола за пчелите треба да важи за сите, и за сѐ. Треба сите исто да делиме“, вели Атиџе.

    „Пола за мене, пола за пчелите треба да важи за сите, и за сѐ. Треба сите исто да делиме“, вели Атиџе. (Фото: К. Попов)

    Екипата на „Медена земја“ вели дека „Атиџе и пчелите се прототип за новиот генетски материјал, кој треба да победи во битката на титаните, каде природата се бори со деструктивното“.

    „Преку жената која случајно ја сретнавме, пред светот се отвори приказна – алегорија на една глобална слика каде хуманото и натуралното се борат да преживеат. Среќни сме дека светските критичари и членовите на Академијата го препознаа крикот на планетата, кој ечи меѓу фрејмовите во филмот. Ја открија големината на човекот, преку големината на единката. Се разнишаа убедувањата дека радоста се крие во поседувањето. Филмот повикува на скромност, а кога ја гледаме љубовта во очите на гледачите, силно веруваме дека пораката е препознаена и дека скромноста е новото време низ кое со радост ќе зачекориме“, напипа екипата на филмот на Фејсбук по објавувањето на номинaциите за Оскарите. Кинематографери на филмот се Самир Љума и Фејми Даут, а продуцент е Атанас Георгиев.

    Атиџе вели дека после „Медена земја“, има многу нарачки за мед и дека има голем интерес за пчеларство. (Фото: К. Попов)

    Меѓу петте номинирани за најдобар документарец покрај „Медена земја“ се и „Американска фабрика“, „Пештерата“, „Работ на демократијата“ и „За Сама“, а за најдобар странски филм номинирани се и „Корпус кристи“ од Полска, „Клетници“ од Франција, „Болка и слава“ од Шпанија и „Паразит“ од Јужна Кореја.

    Деведесет и второто доделување на престижните Оскари е закажано на 10 февруари во театарот Долби во Холивуд. Преносот почнува околу 2 часот по полноќ, според средноевропско време.

    Б. НЕСТОРОСКА


    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари