Црната комедија „Шуштење“ (White Noise) на Ноа Баумбах, адаптација на романот на Дон ДеЛило од 1985, со Грета Гервиг, Адам Драјвер и Џоди Тарнер-Смит, ќе го отвори претстојниот филмски фестивал во Венеција. „Шуштење“ ќе има светска премиера во конкуренцијата за Златен лав на 31 август, а ова е првпат кога оригинален филм на Нетфликс го отвора фестивалот.
Баумбах последен пат беше на Лидо со „Брачна приказна“, исто така на Нетфликс, кој играше на фестивалот во 2019.
„Голема чест е да се отвори 79. Филмски фестивал во Венеција со „Шуштење“, рече директорот на Венеција Алберто Барбера.
Барбера, кој обично го најавува отворањето на Венеција порано, додаде дека „вредеше да се чека за со сигурност да се знае дека филмот е завршен“.
Барбера на прес-конференција утре во 11 часот ќе ја соопшти целосната селекција за годинешното издание на фестивалот.