(Специјално од Ротердам: Марина КОСТОВА)
„Вештерка вдовица“, дебито на кинескиот автор Каи Ченгјие го освои Златниот тигар и 40.000 евра, главната награда на 47. Филмски фестивал во Ротердам што завршува вечерва. Филмот е магично реалистична приказна за една жена која се бори со брутално нечовечната корупција во сите сфери во руралниот кинески живот.
Специјалната награда на жирито и 10.000 евра освои израелскиот „Извештаите за Сара и Салем“ на Муајад Алајан, еден од фестивалките хитови, за љубовната врска меѓу Израелка и Палестинец, и перипетиите со нејзиниот сопруг агент на Мосад и сопругата на љубовникот.
Данскиот „Виновникот“ на Густав Милер, за полицаец кој на дежурство прима повик од девојка која вели дека е киднапирана, ја освои наградата на публиката, а бразилскиот „Асуге Назарет“ на Тијаго Мело, драма за самба заедницата во Пернамбуко ја освои наградата во програмата Светла иднина. Наградата на филмската критика ФИПРЕСЦИ ја освои „Балекемпа“ на Ере Говда, индиска семејна драма за двојка што не може да има деца.
Фестивалот завршува вечерва со проекција на сатиричната комедија „Смртта на Сталин“ на шкотскиот маестро на политичката сатира Армандо Ијанучи.
Годинашното издание на најголемиот фестивал на независен авторски филм најави нов правец во кој овој настан ќе се развива – сѐ повеќе посветен на „кураторски концепти“ отколку на љубопитно откривање нови и вредни автори и дела. Имено, впечаток е дека филмовите се бираат за да се вклопат во „темата на кураторот“ отколку дека навистина се вредни како дела. Селекцијата за Тигарот, од која изминативе 2 децении излегоа некои од најзначајните современи филмски автори, годинава беше најслаба досега, и освен двата наградени филмови останатите 6 дела беа недостојни за трката.
Ротердам ја лансираше и филмската платформа IFFR Unleashed, засега своевидна архива на избрани филмови прикажани на фестивалот, но со амбиција да стане посебна единица која де факто ќе го надрасне самот настан. На презентацијата, дел од филмските критичари се прашуваа дали платформата ќе го направи излишно одењето на фестивал и гледањето на филмовите ќе се сведе само онлајн место во кино. Организаторите на Ротердам немаат јасни одговори за ова, но ставот на директорот Беро Бејер е дека „Планетата Ротердам е многу повеќе од филм“. Сепак, впечаток е дека баш квалитетниот филм може да настрада од тоа инсистирање на „многу повеќе“.