ВЕЖБАВ МУЗИКА ВО УЧИЛНИЦА СО ИСКРШЕНИ ПРОЗОРЦИ И НА -20 СТЕПЕНИ, ВЕЛИ КОМПОЗИТОРОТ ЉУПЧО КОНСТАНТИНОВ

    ВЕЖБАВ МУЗИКА ВО УЧИЛНИЦА СО ИСКРШЕНИ ПРОЗОРЦИ И НА -20 СТЕПЕНИ, ВЕЛИ КОМПОЗИТОРОТ ЉУПЧО КОНСТАНТИНОВОд мастеркласот на големиот македонски композитор Љупчо Константинов, добитник на наградата Голема ѕвезда на македонскиот филм на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола (Фото: ИФФ Браќа Манаки)

    Како средношколец во Битола сирев на тромбон во училница со искршени прозорци на минус дваесет степни, а внатре се греевме со ќумбиња на ќумур, кажа за САКАМДАКАЖАМ.МК големиот македонски композитор Љупчо Константинов, добитник на наградата Голема ѕвезда на македонскиот филм на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола. Тој е автор на музиката на многу филмови, меѓу кои и на култните „Среќна Нова ‘49“ и „Тетовирање“.

    Константинов (прв од лево) во 1960-те свирел соло гитара во битолскиот бенд „Комети“. (Фото: Од приватната архива на Петар Георгиев-Калица)

    „Тоа беше целиот наш живот, кино и проби и на школо, школото беше со прозорци искршени, а внатре се топлевме на ќумур. И по цел ден свирев на тромбон. Понекогаш, ќе заминевме од училиште или од некоја проба на кино да гледаме филм. За појадок една година имав три бисквити и чај, дури потоа каснав бурек. Ние многу се трудевме, бевме многу љубопитни и експериментиравме, а денес еден пријател ми вели младите не ги интересираат многу нешта“, се присети Константинов.

    Денес има 73 години, рече дека не му останува многу време, но дури може ќе твори и ќе се труди да биде што подобар.

    Неговиот мастерклас вчера на фестивалот „Браќа Манаки“ наликуваше на меѓугенерациска средба на музичари од Битола. Константинов во 1960-те години учеше средното музичко во Битола, беше втора генерација од отворањето на школото, па дел од битолчаните кои учеа или твореа со него, дојдоа да му честитаат и да се сетат на убавите времиња. Неговиот колега од Битола, композиторот Петар Георгиев-Калица донесе и фотографија од времето кога Константинов свирел соло гитара во битолскиот бенд „Комети“.

    „Ако креираш според вкусот на народот, ништо нема да направиш. Ако креираш според она што народот треба да го чуе или види ќе направиш многу. Денес на младата генерација им е многу лесно. Мене ми беше многу тешко да дојдам до една партитура, ќе одев во музичка библиотека и со месеци чекав, ќе ја земел некој претходно за анализиа, а сега само со едно типкање ќе најдат на интернет. Инаку, јас сум престар за компјутери“, рече композиторот.

    Пред да се вљуби во музиката, се вљубил во филмот. Раскажа дека во Охрид живееле во маало каде било единственото кино. Како деца секој ден минувале таму и гледале кој филм ќе се прикажува. Вистинска радост за нив била кога вработениот ќе им фрлел парче од филмска лента што ја лепел. Собирале албуми со содржини за филмови, слики од Гари Купер, Кирк Даглас, Брижит Бардо и други.

    Со колегата од Битола, композиторот Петар Георгиев-Калица. (Фото: СДК.МК)

    „Бидејќи татко ми беше од Битола му побарав да ми донесе апарат. Ролните ќе ги ставев во топла вода на масичка со два клинци, ја бришев емулзијата и потоа цртав коцки. На секое квадртче слика. И првиот филм беше цртан директно на лента. Патка како несе јајце. Татко ми виде дека нема да можам многу да учам со тоа и ми го зеде, па гитарата се појави тогаш“, раскажува Константинов.

    Кога се родила љубота за музиката се присетува дека со другарите со велосипеди по калливо време во февруари минувале по пет километри за да дојдат до местото каде имало телевизор и да го слушаат фестивалот Сан Ремо.

    „Мислам дека првата плоча од ‘Битлси’ стигна во Охрид. Одевме со другарите со гитарите по плажите. Навечер, во септември му носевме грозје на еден англиски турист во хотел Палас и нѐ засака човекот. Кога се врати дома ни прати грамофон и плоча од ‘Битлси’. Така се разви љубовтав кон музиката’’, рече Константинов.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари