ВЛАДА УРОШЕВИЌ Е ЛИК-ЛАВИРИНТ – СО ДОДЕЛУВАЊЕ НА ЗЛАТНИОТ ВЕНЕЦ ЗАВРШУВААТ 62. СТРУШКИ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА

    ВЛАДА УРОШЕВИЌ Е ЛИК-ЛАВИРИНТ – СО ДОДЕЛУВАЊЕ НА ЗЛАТНИОТ ВЕНЕЦ ЗАВРШУВААТ 62. СТРУШКИ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТАВенценосецот Урошевиќ е третиот македонски лауреат во историјата на СВП, а синоќа во „Света Софија“ имаше поетски портрет. (Фото СВП)

    Со поетското читање „Мостови“ и врачување на наградите Златен венец, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“ вечерва во 20:30 часот на Мостот на поезијата свечено ќе се затвори 62. издание на Струшките вечери на поезијата (СВП). Награди ќе им бидат врачени на годинешниот лауреат на Златниот венец, македонскиот поет Влада Урошевиќ, на добитникот на „Мостови на Струга“ Гевин Бредли и добитникот на „Браќа Миладиновци“ за 2023, Димитар Башевски.

    На СВП, што годинава се одржува под мотото „Чувствотворен јазик“, настапуваат повеќе од 25 странски и 40 домашни поети од постарата, но и од помладата генерација.

    Синоќа во црквата „Св. Софија“ во Охрид се одржа традиционалниот поетски портрет на венценосецот Урошевиќ, кој е третиот македонски лауреат во историјата на фестивалот, поет од третата повоена македонска поетска генерација и единствен македонски поет што трипати ја има добиено наградата „Браќа Миладиновци“.

    „Ја сметам за исклучителна привилегија можноста да ги читам моите песни во овој древен храм. Сводовите на „Света Софија“ охридска ги носат во своето речиси илјадалетно сеќавање спомените на многу јазици, култури, религии. А последниве педесетина години, благодарение на широчината и на толерантноста на Македонската православна црква, на молитвите упатени кон христијанскиот Творец, искажани на македонски јазик, им се придружуваат, еднаш годишно, во вечерта посветена на носителот на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, и песните на поетите дојдени од сите страни на светот…Ми претставува особена чест што можам да се придружам на врвната плејада поети чијшто глас останал во меморијата на ова свето здание“, рече венценосецот лауреатот Урошевиќ.

    Проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска рече дека Урошевиќ е еден од најавтентичните поетски гласови под македонското поетско небо, а и пошироко.

    „Влада Урошевиќ и самиот е лик-лавиринт, исклучителен интелектуалец-ерудит, чудесно љубопитен, аристократски дух, инспирација и пример за младите генерации, несекојдневна личност што ја обележува не само македонската туку и европската книжевна сцена од втората половина на 20 и првите две децении на 21 век. Поет космополит, еден од најавтентичните и најоригиналните гласови во нашата поезија, претставник на генерацијата современи македонски поети – модернисти, најинвентивната во поглед на поетскиот јазик и израз, генерација што трајно ја определи физиономијата на нашата поезија како ‘европска појава’. Поезијата на Урошевиќ не е затворена во строго национални рамки, туку е дијалошки свртена кон европското (и светско) културно и цивилизациско наследство. Неговите стихови пулсираат во ритамот на магијата, но и на заумниот јазик на руските футуристи или на „фонетските песни“ на дадаистите, се хранат со архетипските и со алхемичарските симболи, носат траги од онирички, митолошки и ритуално-магиски слики, се напојуваат од научни и од псевдонаучни (алтернативни) сознанија, се препуштаат на тајните, мистични сили на природата во стилот на руските симболисти, создаваат ‘места на меморија’ (градот, куќата, библиотеката, театарот и музејот се чести топоси кај Урошевиќ) како израз на космогониски чин на средување на светот, но и атмосфера на катастрофичност што управува со урбаниот хаос по углед на германските експресионисти“, рече Капушевска-Дракулевска.

    Традиционалното поетско претставување на годинешниот лауреат заврши со концерт на „Баклава“.

    Во „Света Софија“ се одржа и свеченост по повод јубилејот – 100 години од раѓањето на поетот Ацо Шопов, со изложба на фотографии поврзани со неговото учеството на СВП и неговиот придонес за основањето и развојот на фестивалот.
    Во рамки на програмата на СВП беше организиран и специјален настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „Версополис“. По повод јубилејот 200 години од раѓањето на Шандор Петефи, беше отворена изложба за животот и делото на овој унгарски поет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира