ВЛАДАТА ПРЕДЛАГА ДА СЕ ВОВЕДАТ НОВИ ДРЖАВНИ НАГРАДИ ПОСВЕТЕНИ НА ЛИНГВИСТИТЕ БЛАЖЕ КОНЕСКИ И РЕМЗИ НЕСИМИ

    ВЛАДАТА ПРЕДЛАГА ДА СЕ ВОВЕДАТ НОВИ ДРЖАВНИ НАГРАДИ ПОСВЕТЕНИ НА ЛИНГВИСТИТЕ БЛАЖЕ КОНЕСКИ И РЕМЗИ НЕСИМИСо новите награди се оддава признание за високи стручни и научни достигнувања од областа на македонскиот и албанскиот јазик во земјава и во странство. - Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. (Фото: Министерство за култура)

    По предлог на Министерството за култура, Владата го утврди текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот државните награди, со што предлага воведување две нови државни награди  „Блаже Конески“ и „Ремзи Несими“, соопшти Владата по вчерашната седница.

    На иницијатива од Советот за македонски јазик, се предлага да се востанови нова државна награда што ќе го носи името на Блаже Конески, основач на современата македонска наука за јазикот, лингвист, литературен и културен историчар, поет, прозаист и преведувач. Со оваа награда ќе се оддава признание за високи стручни и научни достигнувања од областа на македонскиот јазик во земјава и во странство.

    По иницијатива на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, пак, како што стои во предлогот на Министерството за култура, се предлага да се востанови уште една нова државна награда – за оддавање признание за високи стручни и научни достигнувања од областа на албанскиот јазик и албанологијата во земјава. Се предлага да го носи името на Ремзи Несими – лингвист, просветен работник и учесник на Конгресот за правописот на албанскиот јазик во 1972 година.

    Владата на вчерашната седница го усвои и Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик чиј предлагач е Министерството за култура, кој понатаму оди во собраниска процедура.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира