На две локации од локалитетот Скупи, едно од најголемите и највредни археолошки наоѓалишта од римско и доцноантичкото време во земјава, в среда ќе почнат археолошки истражувања, најавува Министерството за култура. Исто така, ќе се почне и со конзервацијата на дел од движните археолошки наоди од Скупи. Овие проекти ќе ги реализираат стручни екипи на Музејот на Град Скопје.
Под водство на д-р Марина Ончевска-Тодоровска, археолог, кустос советник, ќе се реализира проектот Скупи – комплекс голем термален објект и голема ранохристијанска базилика со атриум (Скупи – комплекс терма и базилика со атриум). Овој проект предвидува археолошко истражување на централното градско јадро, на простор од еден градски кварт во кој се сместени двата големи објекта – римската империјална терма и ранохристијанската базилика со атриум.
Исто така, под водство на Ленче Јованова, археолог, кустос советник, ќе се реализира проектот: Скупи – комплекс Градска вила (Вила урбана) и Базилика со крстилница, кој предвидува систематски археолошки ископувања на културната стратиграфија на две градби од централното градско подрачје на римската колонија Скупи: Градска вила која егзистирала од империјалниот до доцноантичкиот период и Ранохристијанска базилика со крстилница од 6. век.
„Сиве овие активности (проекти) се реализираат на дел од заштитеното подрачје од локалитетот, односно на делот со регулирани имотно-правни односи, кој е во владение на Музејот, (т. н. Археолошки парк Скупи)“, додава Министерството.
Проектите се очекува да завршат до 30 декември .
Б. НЕСТОРОСКА