„Врба“ на Милчо Манчевски ќе има азиска премиера на 13 ноември во Тајпеј, Тајван, на еден од најголемите филмски фестивали во Азија. Филмот ја имаше македонската кинопремиера на 1 ноември, а продукцијата соопшти дека за една недела има рекордни над 11.000 гледачи низ земјава.
Манчевски годинава е еден од тројцата автори во фокусот на Филмскиот фестивал Златен коњ (Golden Horse) во Тајпеј (11-24 ноември), освен премиерата на „Врба“ ќе има и ретроспектива на неговиот опус, а тој ќе одржи и мастерклас. По премиерната проекција на „Врба“ предвидена е и сесија прашања и одговори со режисерот, а во негова чест ќе бидат прикажани и „Пред дождот“, „Прашина“ и „Мајки“.
Филмскиот фестивал во Тајпеј, кој постои од 1962 и е еден од најстарите во Азија, е конгломерат во кој се споени престижните награди Златен коњ за најдобар филм од азиски автор, промоцијата на светските филмови и филмската академија.
„Врба“ светска премиера имаше на Римскиот филмски фестивал на 19 октомври. Од 1 ноември филмот е на репертоар во скопските кина Синеплекс и Милениум, од денеска и во Гевгелија, а се прикажува и во Битола, Штип, Охрид, Кичево, Струга, Прилеп, Крива Паланка, Свети Николе. Од 11 ноември ќе игра во Куманово, Радовиш и Неготино, од 13 ноември во Виница, во Кочани, Богданци и Македонска Каменица од 14 номеври, Крушево на 16 ноември и Струмица на 25 ноември.
Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија, а играат Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев и Камка Тоциновски. Покрај нив во филмот играат и Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ и други.