ВТОРА ГОДИНА ПО РЕД НЕ СЕ ДОДЕЛУВА НАГРАДАТА „ГОРАН СТЕФАНОВСКИ“ ОТИ ПРИСТИГНАТИТЕ ТЕКСТОВИ ОД МЛАДИ АВТОРИ СЕ НА НИВО НА ДРАМСКИ СКИЦИ

    ВТОРА ГОДИНА ПО РЕД НЕ СЕ ДОДЕЛУВА НАГРАДАТА „ГОРАН СТЕФАНОВСКИ“ ОТИ ПРИСТИГНАТИТЕ ТЕКСТОВИ ОД МЛАДИ АВТОРИ СЕ НА НИВО НА ДРАМСКИ СКИЦИ„Горан Стефановски е амблем на овој театар и тој момент е неспорен. Ние нему му должиме да се бориме за квалитетни драмски текстови“, рекоа Викторија Рангелова-Петровска, Роберт Вељановски и Димче Николовски на денешната прес-конференција. (Фото: СДК.МК)

    Втора година по ред не се доделува наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од македонски автор до 30 години, бидејќи пристигнатите дела не ги исполнуваат условите. На вториот конкурс, кој беше објавен на 25 јули 2025, пристигнале три драмски текста од тројца автори, а одлуката едногласнo  ја донесе Комисијата во состав ​Викторија Рангелова-Петровска (драматург и претседателкa на Kомисијата), ​Димче Николовски (режисер), ​Жанина Мирчевска (драматург), ​Венко Андоновски (книжевен теоретичар) и актерот Дејан Лилиќ.

    Рангелова-Петровска на денешната прес-конференција рече дека текстовите се напишани во драмска форма, користат различен жанр и стил и обработуваат теми инспирирани од лични и општествени состојби.

    „Делата немаат целосно изградена и развиена драмска структура. Карактерите се еднодимензионални и повеќе во функција на дејството отколку што го градат него. Дијалозите се оценети како непотребно реторични, информативни или банални. Иако материјалите имаат потенцијал, тие се на ниво на драмски скици и почетоци на кои им е потребна дополнителна работа за да прераснат во квалитетен драмски текст“, се вели меѓудругото во одлуката на Комисијата.

    ​Жирито смета дека квалитетот мора да биде единствен критериум за доделување на наградата. Поради малиот број на пристигнати дела, до Драмски театар Скопје се доставени три предлози за измени во правилникот: да се зголеми возрасната граница за авторите, целосно да се отстрани ограничувањето на возраста и да се размисли за трансформација на наградата во награда за развој на драмски текст и негова сценска реализација.

    „Апсолутно, ќе повторам, застанувам зад одлуката на комисијата. Едноставно сметам дека контрапродуктивно ќе биде да се награди нешто што не е квалитетно. Сега засега, тука некаде се движат нашите размислувања и во скоро иднина, многу брзо, ќе мораме да донесеме некакво решение со кое ќе ја затвориме оваа приказна. ​Горан Стефановски е амблем на овој театар и тој момент е неспорен. Ние нему му должиме да се бориме за квалитетни драмски текстови. Тој е човекот којшто, на крајот на краиштата, повеќе од две-три децении ги едуцираше македонските драматурзи. Од неговите класи и генерации излегоа сериозни драмски писатели: Дејан Дуковски, Сашко Насев, Викторија Рангелова, Жанина Мирчевска, Југослав Петровски, луѓе коишто навистина оставиле печат во македонската драматургија“, кажа директорот на Драмски театар, Роберт Вељановски.

    Наградата изнесува 60.000 денари (околу 1.000 евра). Наградата беше востановена лани, а првиот конкурс траеше 15 дена почнувајќи од 6 февруари. Поради недоработени драмски текстови кои пристигнале на конкурсот, Драмски театар лани на 28 април соопшти дека одлучи да не се додели наградата.

    Денеска,  27 април, е роденденот на Горан Стефановски, кој почина во 2018 на 66 години. Автор е на култните драми „Диво месо“, „Лет во место“, „Јане Задрогаз“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Демонот од Дебар Маало“ и ред други и беше еден од авторите на најпопуларната ТВ-серија „Бушава азбука“.

    Од 1974, кога се постави праизведбата на „Јане Задрогаз“ во режија на Слободан Унковски, до праизведбата на „Огнени јазици“ во 2013, исто така во режија на Унковски, на сцената на Драмски театар се поставени 15 премиери од Стефановски, од кои осум се праизведби.

    Во чест на роденденот на Стефановски, Општина Центар организира настан од 17 часот кај споменикот кој е поставен во триаголниот парк во скопско Дебар Маало спроти кафеаните „Наџак“ и „Идадија“. На 27 април 2019 во негова чест беше засаден чинар на тоа место.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира