Дваесет и четири дела од Мена Спировска (1928-2011), првата македонска академски образована сликарка по Втората светска војна, на 13 мај ќе се изложат во Културно информативниот центар (КИЦ) на Македонија во Загреб (19 часот). Изложбата е насловена „Визуелна фасцинација со Загреб“, а е иницијатива на Музејот за уметности и занаети од Загреб во соработка со македонскиот КИЦ во Хрватска. Изложбата е во рамки на одбележувањето на 145-годишнината на загрепскиот музеј.
„Како гром од ведро небо ја примив веста дека во Хрватска се организира изложба на мојата мајка. Прво добив е-пошта од Музејот за уметности и занаети од Загреб дека ме информираат за изложба со дела од Менче. Се заблагодарив и ѝ им напишав дека се радувам дека мојата мајка е дел од групна изложба. Потоа ми вратија дека не станува збор за групна изложба, туку дека е изложба со само нејзини дела. Јас се изненадив, се воодушевив. Не ни знаев дека има таму нејзини дела. Менче студирала на Академијата за применети уметности во Загреб, и во последната година од студии, сликала дела кои се останати во сопственост на Музејот за уметност и занаети од Загреб. Замислете, графиките и цртежите на Менче ги чувале 71 година и решиле да ѝ направат изложба. Мене лично ми претставува огромна чест да бидам присутна на отворањето на самостојната изложба на мајка ми во Загреб“, ни изјави нејзината ќерка, Елизабета Аврамовска, професорка на Архитектонскиот факултет во Скопје.
Мена Спировска, позната како Менче, завршила средно уметничко училиште во Скопје, и потоа заминала на Академија во Загреб, каде била заедно во класата со Ордан Петлески и со нејзиниот иден сопруг сликарот и графичар Драгутин Аврамовски-Гуте, кој е еден од основоположниците на македонската модерна уметност. Спировска се вратила во Скопје во 1955 и има огромно влијание за модерноста и еманципацијата на македонското општество во периодот по Втората светска војна.
Таа се надоврзува на првите две македонски академски образовани сликарки пред Втората светска војна и пред македонската државност во СФРЈ, Катја Ефтимова и Кераца Висулчева, и двете родени 1910.
Спировска творела графики и има релативно мал опус, бидејќи престанала да создава во 1962 година, но нејзиното графичко творештво се оценува како тогашен храбар чекор, како нова визија која сосема раскрстила со соцреализмот и се определила за нешто тогаш ризично, што набрзо потоа, а и денес, половина век потоа, се покажува како висока вредност не само во Македонија туку и во светот.
Во 2016 во Музејот на Град Скопје беше отворена нејзина ретроспективна изложба во Музејот на Град Скопје.
Б. НЕСТОРОСКА