ЗБИРКАТА ФОНД 580 „БРАЌА МАНАКИ – БИТОЛА 1853-1964“ ПРОГЛАСЕНА ЗА КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО ОД ОСОБЕНО ЗНАЧЕЊЕ

    ЗБИРКАТА ФОНД 580 „БРАЌА МАНАКИ – БИТОЛА 1853-1964“ ПРОГЛАСЕНА ЗА КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО ОД ОСОБЕНО ЗНАЧЕЊЕВо обемната зборка на делото на браќата Милтон и Јанаки Манаки има и 6.702 стаклени негативи. (Фото: СДК.МК)

    Збирката на движно културно наследство Фонд 580 „Браќа Манаки-Битола 1853-1964“, која се наоѓа во Битолското одделение на Државниот архив на Македонија, е прогласена за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење, соопшти Министерството за култура. Владата донесе одлука со која на оваа вредна збирка ѝ е овозможено трајно зачувување во изворна состојба, се обезбедуваат поволни услови за опстанок на исклучителната документација и задржување на сите податоци што ги носи со себе како сведоштво.

    Збирката Фонд 580 „Браќа Манаки-Битола 1853-1964“ содржи документација, фотодокументација и предмети од професионалниот живот на браќата Милтон и Јанаки Манаки или вкупно 1.253 архивски единици документација со 3.867 листови; 7.041 фотографии позитиви (хартиени копии); 6.702 стаклени негативи (4.951 заведени со описи, 1.751 заведени без описи); 1.071 рол филмови; 2.087 план филмови; 49 единици фото и кино опрема; 1.364 страници научно-информативно средство.

    Во оваа импозантна збирка  е и џебниот мобилен фотоапарат што пред повеќе од сто години го користеле браќата фотографи Манаки. (Фото: СДК.МК)

    Во образложението на Одлуката се истакнува: „Збирката поради својствата како автентичност, реткост, репрезентативност, разновидност, интегралност, зачуваност, старост, втемеленост и припадност, како и заради критериумите уникатност, исклучителност, впечатливост, влијателност, поврзаност и висок степен на автентична зачуваност е сведоштво за едно време кое е од поширок интерес за проучување на мултикултурната балканска демографска структура општествено економските и културно историските прилики од регионална и европска важност“.

    „Високиот степен на заштита овозможува ширење на сознанијата за вредностите и значењето на Збирката и за нејзината улога во културната идентификација, а се спречуваат и секаков вид дејствија, појави и влијанија со кои се врши или може да настане оштетување или деградирање“, соопшти Министерството за култура.

    Во оваа импозантна збирка покрај првата камера на Балканот „Камера 300“ се наоѓа и џебниот мобилен фотоапарат што пред повеќе од сто години го користеле браќата фотографи Манаки.

    „Со прогласувањето на Збирката на браќата Манаки за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење, овие над илјада и двесте артефакти добиваат режим на заштита од прв степен, што значи дека доброто ќе добие трајна заштита и систематизација што ќе овозможат едукативна програма за општествено-социолошки, културни и историски теми, нејзина дигитализација и можност за истражувачки, публикациски и други репрезентативни потреби кои вклучуваат јавно користење и достапност на доброто“, вели Министерството.

    Одделението во Битола на Државниот архив, ќе овозоможи поголема вклученост на јавноста и меѓународна афирмација на богатото културно наследство содржано во оваа збирка.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира