ЖЕЉКО ЈОКСИМОВИЌ НЕМА ДА ПЕЕ НА ОХРИДСКО ЛЕТО, ВЕЛИ СЕЛЕКТОРКАТА ДАНИЦА СТОЈАНОВА

    ЖЕЉКО ЈОКСИМОВИЌ НЕМА ДА ПЕЕ НА ОХРИДСКО ЛЕТО, ВЕЛИ СЕЛЕКТОРКАТА ДАНИЦА СТОЈАНОВА„Директорката Наташа Поповиќ најверојатно ја има разгледувано можноста за пошироката публика која со години доаѓа да ги проследи концертите на уметници кои не се од класичната сцена и се во офф-програма и тука е дојдено до недоразбирање со сите социјални мрежи кои ни помогнаа на еден начин да се спомене и прозбори за фестивалот Охридско лето“, ни изјави професорката Даница Стојанова. (Фото: Приватна архива )

    Пијанистката и професорка Даница Стојанова, селекторка на музичката програма на Фестивалот Охридско лето, за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека српскиот поп пејач Жељко Јоксимовиќ нема да настапи на годинашното јубилејно 60. издание.

    Завчера на социјалните мрежи излезе документ со програмата на Фестивалот, по што следеа многу реакции за Јоксимовиќ. Во изминативе години, на Охридско лето настапувале светски ѕвезди од рангот на Хозе Карерас, Енио Мориконе, Џеси Норман, Вадим Репин, Џулијан Рахлин, Стефан Миленковиќ, шпанската атракција „Ла фура дел баус“, а директорката Наташа Поповиќ вчера за САКАМДАКАЖАМ.МК потврди дека Јоксимовиќ ќе пее на 7 август во Антички театар.

    „Токму оваа година кога славиме 60 години од постоењето на Охридско лето како дел од реализацијата на вакви концерти покрај концертите на македонските уметници, е и настапот на Жељко Јоксимовиќ, насловен како ‘Два света’ со симфониски оркестар од Белград, членови на Белградската филхармонија, кој пред сѐ има за цел за приреди вистинско уживање и за пошироката публика како што практикуваме секоја година и сметам дека ќе биде висококвалитетен. Ветувам уште едно успешно издание и покрај новонастанатата ситуациија“, ни изјави вчера директорката на Охридско лето, Наташа Поповиќ, додавајќи дека повеќе детали за програмата ќе кажат на прес-конференција.

    На нашето прашање со која агенција е договаран неговиот настап, директорката вели дека тоа се детали од договорот со уметниците кои не смеат да се откриваат.

    Стојанова е селекторка која е назначена пред еден месец, а претходно селектор беше професорот и директор на Националната опера и балет (НОБ) Васо Ристов. Селектор на драмската програма е театарскиот режисер Александар Поповски.

    „Јас, како селектор на овогодишната музичка програма на фестивалот Охридско лето, изјавувам дека концерт на Жељко Јоксимовиќ нема да има. Директорката Наташа Поповиќ најверојатно ја има разгледувано можноста за пошироката публика која со години наназад доаѓа да ги проследи концертите на уметници кои не се од класичната сцена и се во офф-програма и тука е дојдено до недоразбирање со сите социјални мрежи кои ни помогнаа на еден начин да се спомене и прозбори за фестивалот Охридско лето“, ни изјави професорката Стојанова.

    Стојанова вели дека се чувстува должна првенствено кон долгогодишната публика, вљубениците во музиката како најубава уметност и учесниците на најреномираниот меѓународен фестивал Охридско лето да ги појасни нештата што ја разбранија јавноста.

    „Во ова специфично време, кога сите сме под страшни притисоци и катадневно живееме во стрес, како да се научивме да живееме без вистинските предизвици, ами одвај чекаме секоја вест да ја објавиме и исценираме небаре сме Холивуд. Сиот новинарски еснаф знае дека наназад шеесет години, додека не излезат селекторите заедно со директорката на фестивалот на прес да ја објават програмата за фестивалот, сè друго е само зборување, размисли и преносни информации по коридори. Фактот дека излезе фотографија од програма на фестивалот која уште не е потврдена, ниту излезена е чин кој имаше за цел да направи голема штета, пред сѐ на Уметноста. Денови нѐ делат од најновото издание на Охридско лето 2020 каде ќе ја славиме, музиката, театарот, играта а некој тоа не го почитува ами го користи за некакви односно никакви цели. Пред вистината и боговите молчат, до сите вас кои нестрпливо ја чекате објавата на програмата за Охридско лето 2020, ве поздравувам и посакувам добро здравје и носете маски“, вели селекторката.

    По објавата на изјавата на селекторката Стојанова, директорката Поповиќ испрати соопштение до нас во кое вели: „Настапот на Жељко Јоксимовиќ кој деновиве предизвика низа реакции во јавноста беше дел од работната верзија на програмата на Охридско лето. Како Национална установа официјалната програма ја соопштуваме на прес-конференција која за јубилејното издание ќе ја одржиме деновиве. За жал нацрт-верзијата, која напоменувам не е конечна, деновиве се најде на социјалните мрежи со што одредени личности ја злоупотребија искажувајќи револт и бес без притоа да пофалат или во најмала рака да напоменат дел од другите уметници кои се најдоа на истата работна верзија, а се врвни уметнички имиња“.

    Стојанова е пијанистка  и професорка во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, наградувана уметница, членка на СМУМ, СОКОМ, Јапонската асоцијација – пијано дуо Токио. Таа е авторка на книгата „Ф. Шопен поетот на музиката“.

    Таа ја најавува годинашната програма како ексклузивна, со учество на уметници победници на  музичката класична сцена.

     Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира