ЖЕНИТЕ ДЕНЕС ИМААТ ПРАВА БЛАГОДАРЕЈЌИ НА ПРАБАБИТЕ КОИ ПОКАЖАЛЕ ЗАБИ НА ПАТРИЈАРХАТОТ, ВЕЛИ ПИСАТЕЛКАТА РУМЕНА БУЖАРОВСКА

    ЖЕНИТЕ ДЕНЕС ИМААТ ПРАВА БЛАГОДАРЕЈЌИ НА ПРАБАБИТЕ КОИ ПОКАЖАЛЕ ЗАБИ НА ПАТРИЈАРХАТОТ, ВЕЛИ ПИСАТЕЛКАТА РУМЕНА БУЖАРОВСКА„Зошто женските ликови мора да бидат совршени? Еден женски лик може да биде хероина во делото и покрај сите недостатоци. Штетно е да се очекува дека жените (во реалноста, па и во книжевноста) треба да се совршени“, вели писателката, книжевна преведувачка и професорка Румена Бужаровска. (Фото: К. Попов)

    Писателката, преведувачка и професорка Румена Бужаровска периодов добива честитки за премиерата на нејзиното дело „Мојот маж“ во Словенско народно гледалишче (СНГ) Љубљана, во режија на Ивана Ѓилас, како и за најавата за германски превод на книгата од угледниот германски издавач „Зуркамп ферлаг“.  Мојот маж“ е едно од најчитаните дела во земјава, а на 15 февруари во Драмски театар во Скопје имаше премиера во режија на Нела Витошевиќ.

    За збирката раскази „Мојот маж“ во издание на „Или-или“, писателката Оливера Ќорвезироска има напишано: „Ова е најдобрата збирка раскази на Румена Бужаровска досега, но и една од најдобрите збирки раскази објавени во земјава последниве неколку години“.

    Бужаровска дипломирала, магистрирала и докторирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а работи како вонреден професор по американска книжевност на англиската катедра при истиот факултет.

    Румена Бужаровска со режисерката Нела Витошевиќ / По премиерата во Словенија: кореографката Маша Кагао Кнез, Бужаровска, костимографката Јелена Проковиќ, режисерката Ивана Ѓилас и актерката Саша Павчек. (Фото: Приватна архива / Б. Гомбач)

    Објавила три збирки раскази: „Чкртки“ во издание на „Или-или“ во 2007, „Осмица“ во издание на „Блесок“ во 2010 и „Не одам никаде“ во издание на „Или-или“ во 2018, како и студија за хуморот во книжевноста „За смешното: теориите на хуморот низ призмата на расказот“, од „Блесок“ од 2012. Расказите ѝ се преведени на повеќе јазици.

    Словенечките медиуми ве споредија со Симон де Бовоар, пишуваа дека претставата „Мојот маж” моќно ја доловува положбата на жените на Балканот. Зошто во вашите раскази жената секогаш е слаба, незадоволна, смотана, потчинета, хистерична, амбициозна?

    • Иако во некои од расказите користам гротеска, настојувам тие да се реалистични, па така целта ми е да ги опишам препознатливите состојби и ситуации од нашата секојдневност, па затоа се обидувам жените да ги опишам такви какви што ги среќаваме околу нас, без идеализирање, но со емпатија. Истовремено, во моите раскази доминираат протагонистки и други женски ликови затоа што тоа произлегува од моето искуство и од поимањето на моето опкружување. Ако досега, во светскиот (машки) канон доминирале протагонисти и машки ликови, тоа се должи и на фактот што авторите биле мажи, а и женските искуства и приказни биле гледани како помалку вредни или пак неинтересни. И во таквите дела имате машки ликови кои се такви како што ги опишавте: слаби, смотани, незадоволни, потчинети, амбициозни… секако го има и мрачниот херој и општо земено огромна плејада на машки ликови со секакви карактеристики на кои ние како читатели и како општество, преку читањето, не само што се навикнуваме, туку учиме да ги разбираме и да не ги осудуваме. Зошто истото не би важело за жените? Зошто женските ликови мора да бидат совршени? Еден женски лик може да биде хероина во делото и покрај сите недостатоци. Истото важи и во реалноста. Штетно е да се очекува дека жените (во реалноста, па и во книжевноста) треба да се совршени. Затоа една просечна или помалку успешна политичарка, на пример, е многу пожестоко критикувана и осудувана од еден уште повеќе потпросечен и уште помалку успешен политичар.

    Имате ли чувство дека денес жените се позатворени, можеби попатријахални од нашите баби и прабаби? Дали тие од 20. век се полиберални од овие од 21.век?

    • Напротив. Нашите баби и прабаби живееле во општества во кои родовата нееднаквост била уште подрастична од тоа што е денес. Тие биле мажени без нивна волја, покривани во тешки носии и потоа носени да живеат во нечија туѓа фамилија каде што биле гледани како машини за раѓање деца и слугинки на семејството на мажот. Невозможно е во една таква средина во која жените воопшто немале избор и глас, тие да биле попрогресивни од тоа што сме ние денес. Од друга страна, токму поради тие прабаби и баби што покажале заби на патрихарјатот, жените денес имаат права. Не заборавајте дека тоа е прогрес од последните 100 години, и како таков е прилично брз. Сепак, сега сме на највисокото ниво на свест – на пример, постојат феминистки од вториот бран феминизам кои и покрај тоа што направиле огромни промени за правата на жените, имале расни и класни предрасуди. Тоа денес веќе не се толерира, и се критикува. Денешното време, во кое исто така сме далеку од родова еднаквост, сепак е најдоброто време за жената во историјата на цивилизацијата, иако постои голема опасност во кој било момент тие права повторно да бидат одземени. Видете што се случува во САД, каде што абортусот е на пат да биде целосно забранет, или што се случува деновиве во Полска, каде што по одлука на Уставниот суд, на жените ќе им биде одземено правото на абортус дури и кога има дефекти кај фетусот.

    „Одредени медиуми или пак машки лица на позиција на моќ постојано пробуваа да докажат дека македонскиот патријархат е поназаден од словенечкиот, и дека нивното општество достигнало родова еднаквост, за разлика од нашето. Дека тоа не е воопшто точно се виде од реакциите на публиката и успешност на претставата. Патријархатот секаде е патријархат, само што како и се’, има своја локална обоеност“, вели Бужаровска. (Фото: К. Попов)

    Каков беше процесот на работа во Словенија? Може ли да направите споредба во сензбилитетот на режисерките и актерите од Словенија и од Македонија?

    • Уште од самиот почеток имав огромна доверба во тоа што ќе го сработат и Ивана Ѓилас во Словенија, и Нела Витошевиќ во Македонија. Не учествував во процесот на работа и во двата проекти, и не се ни обидував да учествувам, токму поради тоа. Секако, двете претстави се доста различни, но и двете ја зачувуваат идеолошката позадина на текстовите, што мене ми беше исклучително битно. Така, и двете претстави трагичните приказни ги претставуваат со разбирање, а комичните без сензационалистичка вулгарност. И двете претстави, како и во моите книги, си играат со динамиката смежно/тажно. Сепак, нормално дека претставите се многу различни. Претставата на Витошевиќ и лично ги инволвира актерите во екипата, кои сами учествуваат со авторски монолози што се инкорпорирани во моите раскази, кој за мене е еманципаторски и храбар процес. Ѓилас исто така прави колаж од расказите, но го изоставува машкиот глас, па така екипата е создадена само од актерки, и тоа речиси сите над 40 години, што е исто свесен коментар и бунт кон исклучувањето на женските улоги во светот на театарот и филмот, со оглед на тоа што најчесто ликовите и улогите се сведуваат на млади, еротизирани и објектифицирани патријархални идеали. Нејзината претстава исто така почнува со една кореографска точка која наликува на модерен балет и ги тематизира преку движење карактерите на ликовите во претставата.

    Сцени од претставата „Мојот маж“ во Драмски театар во Скопје (лево) и во Словенско народно гледалишче во Љубљана. (Фото: К. Галевски / П. Ухан)

    Ако Витошевиќ тогаш изјави дека инсистирала вашиот јазик на раскажување да биде што е можно поавтентичен, како беше во Словенија?

    • Драго ми е да кажам дека беше исто. Драматизацијата на текстот како и јазичната обработка беше во соработка со Ана Душа, која заедно со Ѓилас инсистираа на живоста и автентичноста на јазикот, со оглед на тоа што расказите се пишувани во прво лице. Така, актерките ги чувствуваа текстовите како да се природни и можеа да се идентификуваат со нив, што придонесе кон нивните сјајни изведби. Да видам како ова функционира на словенечки за мене беше посебно доживување, затоа што гледав во живо како публиката физички реагира на репликите и како се соживуваат со говорот на актерките. Автентичноста во јазикот, иако пренесена на словенечки, се преслика и на автентичноста на културата, па така целокупниот контекст остана македонски во претставата на Ѓилас, но тоа всушност покажа колку македонското и словенечкото општество се слични, и покрај тоа што одредени медиуми или пак машки лица на позиција на моќ постојано пробуваа да докажат дека македонскиот патријархат е поназаден од словенечкиот, и дека нивното општество достигнало родова еднаквост, за разлика од нашето. Дека тоа не е воопшто точно се виде од реакциите на публиката и успешност на претставата. Патријархатот секаде е патријархат, само што како и се’, има своја локална обоеност.

    Корицата за македонското издание на „Мојот маж“ во издание на „Или-или“ и за германското издание од „Зуркамп ферлаг“.

    Каков е патот за дело од македонски писател да биде преведено во странство? Дали веќе имате ваш агент кој ве застапува?

    • На почетокот, интересот за едно дело се случува по промоција на делото по книжевни фестивали или пак списанија во странство. Обично издавачите лично им пристапуваат на авторите, и така се склучуваат тие договори. Истиот процес е присутен и со агентите, кои покажуваат интерес кон одредени автори и им пристапуваат. Пред неколку години ми пристапи една хрватска агентка, со која работев долго време, а од неодамна сум клиент на американската агенција Вајли ( The Wylie Agency), што ми е посебна чест и радост, затоа што агенцијата е една од најголемите во светот и застапуваат автори како Салман Рашди, Чимаманда Адичи, Ханиф Курејши, а и автори како креаторот на „Мад Мен“ Метју Винер и музичарот Дејвид Брн.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира