ЗЛАТНА КАМЕРА 300 ЗА ДАНСКИОТ КИНЕМАТОГРАФЕР ДАН ЛАУСТСЕН НА ФЕСТИВАЛОТ „БРАЌА МАНАКИ“

    ЗЛАТНА КАМЕРА 300 ЗА ДАНСКИОТ КИНЕМАТОГРАФЕР ДАН ЛАУСТСЕН НА ФЕСТИВАЛОТ „БРАЌА МАНАКИ“Димитрија Доксевски, директор на фестивалот, Марија Димитрова, претседателка на Друштвото на филмски работници и Сашко Мицевски, директор на Агенцијата за филм на денешната прес-конференција во Скопје. (Фото: К. Попов)

    Данскиот кинематографер Дан Лаустсен е лауреат на наградата Златна Камера 300 на 47. фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, што ќе се одржи од 19 до 25 септември во Битола, соопшти директорот на фестивалот Димитрија Доксевски.

    „Една од големите ѕвезди што ќе бидат во септември на фестивалот, е еден од најголемите кинематографери на денешницата, човек којшто успеа да ја спои европската традиција на снимање филмови со најсовремената технологија што доаѓа од Холивуд. Тоа е данскиот кинематографер со холивудско реноме, големиот Дан Лаустсен. Тој годинава е еден од лауреатите“, рече Доксевски и додаде дека Лаустсен ќе одржи и мастерклас.

    Дан Лаустсен e номиниран за Оскар за филмовите „Обликот на водата“ и „Алејата на кошмарите“ на Гилјермо дел Торо.

    Лаустсен (72) е дипломец на Националната филмска школа во Данска во 1979, неговите рани ангажмани во скандинавската кинематографија му носат признание од критиката и ја поставуваат основата за неговиот препознатлив стил – фокус на длабока атмосфера, висок констраст и стратешка употреба на светлината. Глобалниот успех на Лаустсен во голема мера е резултат на неговите долгогодишни партнерства со истакнати холивудски автори како Гилјермо дел Торо и Чад Стахелски. Соработката со Гилјермо дел Торо резултираше со некои од визуелно највпечатливите филмови на 21 век: „Обликот на водата“ (The Shape of Water, 2017), „Алејата на кошмарите“ (Nightmare Alley, 2021) и „Франкенштајн“ (2025). Во творештвото на Чад Стахелски, Лаустсен е визуелниот архитект на култната акциона франшиза „Џон Вик“ (John Wick), поточно на второто, третото и четвртото продолжение, каде ги редефинираше стандардите за снимање на комплексна акција и неонска естетика. За својот исклучителен придонес, Лаустсен е повеќекратен добитник на меѓународни награди. Номиниран е за Оскар за филмовите „Обликот на водата“ и „Алејата на кошмарите“.

    Доксевски рече дека фестивалот годинава ќе го има најамбициозното издание досега по бројот на гости и статистиките.

    ​„Достоинствено се доближуваме до големиот јубилеј, 50 години, што е фасцинантна бројка и навистина сум среќен дека фестивалот расте од година во година и станува еден од најзначајните фестивали не само во регионот, туку и во светот“, рече Доксевски.

    ​Оваа година фестивалот бележи и апсолутен рекорд во однос на пријавените филмови.

    ​„Оваа година бележиме рекордни пријавени филмови на отворениот повик, повеќе од 600 филмови, што не се случило претходно. Се надеваме дека оваа година и бројот на гости, кој минатата година изнесуваше над 440, ќе го надминеме и ќе продолжиме во таа насока на такви убави статистики и бројки“, рече Доксевски.

    ​Директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, кажа дека државната поддршка за фестивалот годинава е значително зголемена и изнесува 12 милиони денари (околу 195.000 евра), за разлика од минатата година кога беше 9 милиони денари (околу 145.000 евра).

    ​„Фестивалот е бренд којшто ги обединува Агенцијата за филм, Друштвото на филмски работници, Кинотека на Македонија и Град Битола, кои се филмски чинители на нашата дејност и тоа со голема гордост го славиме секоја година. Секако голем успех е што фестивалот доби награда од Британската асоцијација на кинематографери во Англија каде членуваат голем број од светските кинематографери кои доаѓаат и го следат нашиот фестивал“, рече Мицевски.

    Марија Димитрова, претседателка на Друштвото на филмски работници (ДФРМ) рече дека ѝ е драго што со „Браќа Манаки“ ја продолжуваат успешната соработка. „Фестивалот на филмаџиите исто така им дава можност да ги претставиме нашите филмови пред светот, но и пред домашната јавност и сигурна сум дека и годинава ќе имаме значајни македонски филмови кои ќе бидат дел од селекцијата“, рече Димитрова.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира