Американскиот автор Шон Бејкер ја освои Златната палма за „Анора“, бурна романса меѓу сексуална работничка (Мики Медисон) и непристојно богатиот син на рускиот олигарх (го игра Марк Ејделштајн). Бејкер е првиот американски автор што ја освои главната награда на Канскиот фестивал, откако Теренс Малик ја освои палмата за „Дрвото на животот“ во 2011. „Анора“ е третиот филм на Бејкер што има премиера во Кан, по „Проектот Флорида“ и „Црвената ракета“. Исто така, ова е петтата по ред Златна палма освоена од независниот дистрибутер „Неон“, по „Паразит“, „Титан“, „Триаголник на тагата“ и минатогодишниот победник „Анатомија на падот“.
Бејкер ја посвети наградата на „сите сексуални работници, минати, сегашни и идни“, нагласувајќи ја важноста од „снимање филмови наменети за киниоприкажување“. Како што рече Бејкер од говорницата, „Светот треба да се потсети дека гледање филм дома, додека скролате низ вашиот телефон … не е начин. Гледањето филм со други в кино е едно од најголемите заеднички искуства. Затоа велам дека иднината на филмот е онаму каде што започна: в кино“.
Индиската режисерка Пајал Кападиа доби Гран при, втората највисока награда на фестивалот, за „Сè што замислуваме како светлина“, првиот индиски филм во конкуренцијата за Златна палма во последните 30 години. Последниот, „Свахам“ на Шаџи Карун му конкурираше на „Евтини приказни“ за палмата во 1994. Филмот, втор на Кападиа, се фокусира на врските помеѓу три жени од Мумбаи од различни возрасти и класи.
Наградата за најдобро сценарио ја освои француската режисерка Корали Фарже за хорор филмот за козметичка хирургија „Супстанца“, со Деми Мур во улогата на некогашна холивудска убавица и Маргарет Квали како помладата, посовршена конкурентка со која ќе мора да работи заедно во нејзината емисија.
Жирито ја прошири вообичаената категорија за најдобра актерка за да го чествува она што членката на жирито Лили Гледстон го нарече „хармонија на сестринството“ во „Емилија Перез“. Филмот на поранешниот добитник на Златна палма Жак Одијар („Дипан“) е мјузикл во Мексико – за шеф на картел кој исчезнува за да се појави повторно како жена – а играат Зои Салдана, Селена Гомез и транс ѕвездата Карла Софија Гаскон. Филмот ја освои и Наградата на жирито.
Наградата за најдобар актер ја доби Џеси Племонс, кој игра три улоги – покорен бизнисмен, ожалостен полицаец и бисексуален член на култот – во „Видови добрина“, надреалистичка сатира од режисерот на „Кутрите“ Јоргос Лантимос.
Жирито создаде Специјална награда – поздравена со ентузијастички овации – за иранскиот режисер Мохамад Расулоф, кој присуствуваше на Канскиот филмски фестивал на голем личен ризик, бегајќи од досудената осумгодишна затворска казна за снимањето на политичката драма „Семето на светата смоква“. Тричасовниот филм го разгледува неодамнешното движење „Жени, живот, слобода“ во Иран преку семејство од средната класа чии две ќерки ја доведуваат во прашање улогата на нивниот татко во режимот.
Португалскиот режисер Мигел Гомеш ја освои Наградата за режија за „Гранд турнеја“, во кој комбинира црно-бели и снимки во боја, инсценации на периодот и современи антрополошки погледи, раскажувајќи ја приказната од почетокот на 20 век за британски државен службеник кој се обидува да избега од својата свршеница патувајќи од една во друга азиска земја.
Наградата Златна камера за најдобар прв игран филм ја доби „Арманд“ на норвешкиот автор Халфдан Улман Тондел, инаку внук на Лив Улман и Ингмар Бергман, додека специјално (нестандардно) признание доби „Мелез“ на Чианг Веи Лианг и Ти Киао Јин од селекцијата Кензен (15 дена на авторите).
Златната палма за краток филм ја доби хрватскиот „Човекот кој не можеше да молчи“ од Небојша Слијепчевиќ.
Четириесет и пет години откако самиот ја освои Златната палма, Френсис Форд Копола му ја врачи почесната Златна палма на својот пријател и колега, легендата Џорџ Лукас, кого го нарече „мојот помал брат“.