ШТИПЈАНЕЦ СО АРГАТЛАК СЕ БОРИ ПРОТИВ СИРОМАШТИЈАТА, ГОДИШНО ЦЕПЕ ПО 300 КУБИЦИ ДРВА И КРОИ НАД 300 ДЕКАРИ ЛОЗЈА

    ШТИПЈАНЕЦ СО АРГАТЛАК СЕ БОРИ ПРОТИВ СИРОМАШТИЈАТА, ГОДИШНО ЦЕПЕ ПО 300 КУБИЦИ ДРВА И КРОИ НАД 300 ДЕКАРИ ЛОЗЈАШтипјанецот Богатин Илиев пет децении живее од аргатлак, а годишно цепе по 300 кубици дрва и крои по 300 декари винова лоза. (Фото: СДК.МК)

    Штипјанецот Богатин Илиев веќе 50 години живее од аргатлак, главно со цепење дрва и со кроењe лозја. Само во текот на оваа година исцепил над 300 кубици огревно дрво и искроил над 300 декари со винова лоза.

    Вели дека порано во младоста бројките биле поголеми. Бил и вработен, но главно работел како ноќен чувар за минимална плата, па за да ја победи сиромаштијата морал преку денот да агргатлакува само за да преживее, а и да помогне на двете деца.

    „Кумот ми го ставил името Богатин со желба да бидам богат, ама се случи спротивното, цел век да бидам на работ на егзистенцијата, па морав со вакви разни аргатски работи да ја победувам сиромаштијата А и работата ме одржува, да бидам повитален и да ги сузбивам инфекциите“, вели Богатин.

    „Не се срамам од ова што го работам, работам по цел ден само за да опстанам. Цепам дрва повеќе од половина век, уште како млад. Се чуствувам таков и сега, па секој повик за цепење дрва или за кроење не го одбивам. Ме бараат можеби поради тоа што сум најефтин во градот, само 150 денари од кубик. Другите бараат и 200 денари. Кроењето чини од 2,5-3 денари од чокот (лоза) во шпалир до 5 денари во одрина“, вели Богатин.

    Тој жали што пред некоја година сопругата му починала, но е задоволен што ќерката и синот веќе станале свои луѓе. Го има потребниот минимален стаж за пензионирање што треба да се случи за неполни две години. Дотогаш, најмалку уште една година ќе исцепе 300 кубици дрва и ќе искрои 300 декари лозје.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира