22 ИЛЈАДИ ЈАЈЦА ПОТРОШИЛЕ ТЕТОВСКИТЕ ПАШИ ЗА УКРАСУВАЊЕТО НА ШАРЕНА ЏАМИЈА

    22 ИЛЈАДИ ЈАЈЦА ПОТРОШИЛЕ ТЕТОВСКИТЕ ПАШИ ЗА УКРАСУВАЊЕТО НА ШАРЕНА ЏАМИЈАШарената Џамија е ставена под заштита на државата како културно-историски споменик и преставува најголема туристичка атракција во Тетово (Фото:СДК.МК)

    Кон крајот на 18. и почетокот на 19. век централната османлиска власт почнала да слабее, а тоа го искористиле одделни турски великодостојници, помалку или повеќе, да се осамостојат на своите имоти. Во тетовскиот крај, во тој период, до израз дошло владеењето на Реџеп-паша и на неговиот син Абдураман-паша. Овие двајца паши ќе остават траен белег во историјата на Тетово.

    Шарената џамија во Тетово (Фото: СДК.МК)

    Интересна е судбината на Реџеп-паша. Според податоците објавени во еден Зборник напишан од Г.Тосков а објавен во Софија во 1894, се кажуваат многу пофални зборови за неговото владеење бидејќи тој, како што се наведува во Зборникот, успеал да ги среди внатрешните работи во пашалукот, го проширил владеењето, ги допрел внатрешните немири предизвикани од непослушните дели-баши (пониски локални главешини). На 25 години Реџеп-паша се оженил за Албанка од скопските села, но со неа немал деца. Кога наполнил 40 години, му се родил син, кој кога пораснал го пратил да ги изучува дервишкото учење и филозофија. Во меѓувреме во Србија во Гњилање се дигнала буна против султанот. Реџеп-паша пратил силна војска на чело со својот ага Исљам Пупунца да ја задуши буната. Буната била задушена, а Пупунца ги заробил и ги донел во Тетово водачот на буната војводата Михајло и неговата сестра Милјана каде тие биле потурчени. Михајло бил наименуван за бег и го добил името Махмут, додека Милјана, која била многу убава, му станала жена на Реџеп-паша и му родила три сина Абдураман-паша, Вели бег и Џеладин бег. Во тој период доаѓа до израз големиот градителски дух на Реџеп-паша. Првин за потребите на дервишите го возобновил дервишкото теќе од кое настанало надалеку познатото „Арабати баба Теќе“, ја обновил и ја украсил Шарена џамија и почнал да го гради тетовското кале.

     

    Љуљета Абази е виш кустсос во Музеј на тетовскиот крај, е и директен потомок на Реџеп-паша (Фото: СДК.МК)

    „Овие три објекти се најголемата задолжбина на Реџеп-паша, но и на неговиот син Абдураман-паша кој ги доизградил и кои до денес го имаат зачувано автентичниот лик. Има многу легенди, но и историски податоци за изградбата на овие монументални градби. Шарената џамија или уште како се вика Пашина џамија секако е најрепрезентативниот објект изграден од овие паши. Џамијата е изградена кон крајот на 15 век. Таа била задлжбина на две сести Хуршиде и Менсуре, ќерки на некој паша од Анадолија. Тие останале немажени а од наследството што го добиле од татка си ја изградиле џамијата. Во кругот на џамијата и денес постои турбе во кое се наоѓаат нивните гробови. Во 1689, за вереме на Австро-турската војна еден одред на австрискиот генералот Пиколомини, дошол до Тетово и ја запалил. Џамијата е доградена и украсена во периодот од 1815 до 1833г., за време на Абдураман паша. За што постои и натпис на влезот во џамијата. Тогаш таа го добива денешниот, надалеку познат изглед. Дека џамијата е проширена се гледа по тоа што кај џамиите минарето секогаш е на крајот на џамијата, додека кај Џарена џамија тоа е во средината на објектот“ раскажува Љуљета Абази, виш кустсос во Музеј на тетовскиот крај, а која е и директен потомок на Реџеп паша.

    Внатрешноста на Шарена џамија (Фото: СДК.МК)

    Џамијата името го добила по тоа што освен од внатре, со прекрасни шари е украсена и целата нејзина надворешна фасада. Слична шарена џамија постои во Травник, а имало и во Фоча во Босна, но таа е разурната, но тетовската Шарена џамија е далеку поубава и пораскошна од овие џамии.
    „За украсување на Шарена џамија со согурност знаеме дека пашата викнал мајстори од Дебар како и некој дервиш. Наидов и на еден податок дека за изработката на оние прекрасни шари во внатрешноста и на надворешната фасада, биле потрошени 22.000 јајца. Мајсторите кога ги сликале орнаментите и мотивите, во боите додавеле жолчките од јајца. Така боите долго можеле да го зачуваат својот интензитет. Во внатрешноста на џамијата освен геометриските орнаменти, кои се карактеристични за секоја џамија, има насликано и пејсажи па дури има и еден приказ на светилиштето во Мека што сето ова Шарена џамија ја прави уникатна и е вистински бисер на исламската уметност не само кај нас, туку и многу пошироко“ бели Љуљета Абази.
    Шарената Џамија во минатиот век некоку пари е реставрирана, посебно надворешната фасада, а последната реставрација е направена во 2012. Овој објект е ставен под заштита на државата како културно-историски споменик и преставува најголема туристичка атракција во Тетово.

    Турбето во Шарена џамија (Фото: СДК.МК)

    Меѓу позначајните објекти од 19 век е и беговската куќа изградена од наследниците на Реџеп-паша и Абдураман-паша. И овој прекрасен и репрезентативен станбен објект, е ставен под заштита на државата.

    З. АНДОНОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари