54-ГОДИШНИОТ МАРАТОНЕЦ АДЕМ СЕЛМАНИ СЕКОЈ ДЕН ТРЧА ОКОЛУ ТЕТОВСКОТО КАЛЕ

    54-ГОДИШНИОТ МАРАТОНЕЦ АДЕМ СЕЛМАНИ СЕКОЈ ДЕН ТРЧА ОКОЛУ ТЕТОВСКОТО КАЛЕДа ги соберам сите медали, тежат можеби и 20-тина килограми“, вели тетовскиот атлетичар Селмани. (Фото: Приватна архива/СДК.МК)

    На 54-годишниот тетовскиот атлетичар Адем Селмани секој ден му е исполнет со трчање, иако Тетово нема никакви услови ниту инфраструктура за тренирање атлетика, а посебно за трчање на долги патеки. Недостатокот на услови Селмани го надополнува со трчање по тетовските улици и кон врвот на ридот Балтепе и месноста Бањиче.

    „Во Тетово нема место каде да се трча, а уште помалку да се тренира атлетика. Поради тоа и мојот матичен клуб ‘Љуботен’ се среќава со голем број потешкотии. Во недостаток на услови се снаоѓам како знам и умеам, па најчесто трчам кон и околу тетовското Кале. Дневна рутина ми е да истрчам околу 15 километри, а најчесто трчам во претпладневните часови. До врвот на Калето трчам како подготовка, а главниот тренинг ми е трчањето околу Калето. Во зависност од планот за тренинг и од обврските некогаш попладне трчам и низ градот, но само рекреативно. Ова е моја секојдневна рутина, било во лето било во зима. Порано, кога бев помлад, тренирав и по два пати на ден“, вели Селмани.

    До пред неколку години Селмани редовно трчал на маратонските трки, а во младоста учествувал и на ултрамаратоните од 100 километри како и на планинското маратонско трчање. Сега најчесто учествува во трките на 5, 10 и 21 километар.

    „Со атлетика се бавам речиси 30 години и волјата за овој спорт кај мене уште е огромна. Знам дека од бавење со атлетика нема можност да заработиш пари, но јас преку атлетиката се стекнав со огромен број пријатели низ целиот свет. Тоа е вистинското богатство и тоа ми ја одржува волјата и желбата и понатаму да се бавам со атлетика без разлика на годините кои ги имам. Досега сум учествувал на навистина голем број трки од кои имам освоено неколку стотици медали, пехари и дипломи. Да ги соберам сите медали, тежат можеби и 20-тина килограми“, вели Селмани.

    Негрижата на заедницата и државата за овој спорт го принудува Адеми трошоците за учество на домашните и меѓународните сам да ги подмирува. Трошоците се големи, но желбата за учество на вакви значајни спортски манифестации е уште поголема.

    „Сам си го плаќам одењето и учеството на трките. Патувам со автобус, се сместувам во хостели за да имам помали трошоци. Настапувам за атлетскиот клуб ‘Љуботен’ од Тетово но овој спорт, а со тоа и за овој клуб, нема некоја финансиска поддршка од институциите па клубот не може многу да ми помогне. Но тоа е споредна работа, за мене е битно и понатаму секој ден да тренирам и да учествувам на што е можно повеќе натпревари, и покрај тоа што имам педесетина и нешто години“, кажува Адеми.

    Во својата долгогодишна спортска кариера освен на маратонските трки на 21 и 42 километри, учествувал и на неколку ултрамаратони. Во мај 2006, патеката од Скопје до Тетово ја поминал со велосипед, а веднаш потоа ја истрчал патеката долга 22 километри од Тетово до Попова Шапка. На Попова Шапка стасал во 6 часот изутрината и им се приклучил на планинарите кои тргнале кон Титов Врв каде стигнал меѓу првите. Во ноември 2005, истрчал 104 километри на делницата од Тетово до Приштина, а во Шведска заедно со еден Данец и еден Шпанец за 20 дена истрчал ултрамаратон во должина од 900 километри. Освен ова, Адеми учествувал и на Светско првенство во планинско трчање во Бурса, Турција, а е редовен учесник на атлетските и маратонските трки во Белград, Софија, Истанбул, како и на маратоните во Охрид и Скопје.

    „Вежбањето е здраво и секој треба да се бави со спорт“, вели Селмани.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира