Африканските слонови користат десетици различни лековити растенија за да се лекуваат себеси и своите семејства кога се болни. Ова е заклучокот на студија во која биле интервјуирани луѓе кои живеат и работат во близина на слоновите во регионот на планината Елгон во Кенија.
Ова новообјавено истражување укажува на тоа дека слоновите користат неколку видови шумски растенија за лековити цели.
„Ова покажува колку се испреплетени нашите лекови со нечовечкиот свет“, изјави една од водечките истражувачки, Елоди Фрејман од Универзитетот Браун.
Локалните жители рекле дека слоновите избираат одредени растенија кога се чувствуваат лошо, а наводно и мајките им даваат лековити растенија на своите младенчиња. Врз основа на тоа, истражувачите заклучиле дека слоновите користат 35 различни видови растенија, од кои 25 се познати во локалната средина по своите лековити својства.
Еден чувар опишал како видел слонови што користат растение познато како ангурвит како лек за младенчињата. Ангурвит се користи како лек за разни тегоби, вклучително и за болки во стомакот. Чуварот опишал како мајките-слоници го подготвуваат растението во устата, при што ги отстрануваат листовите и ги џвакаат додека не станат мека смеса, заедно со корените од некои други дрвја.
Професорот Мајкл Хафман, приматолог кој работи во Јапонија, изјави дека овој конкретен случај е интригантен, но дека ќе бидат потребни повеќе докази за да се потврди дали слоновите им даваат на своите младенчиња специјализиран медицински третман.



