Аки Рахимовски, легендарниот пејач на „Парни ваљак“, попладнево беше погребан во алејата на великаните на гробиштата „Мирогој“ во Загреб. Ковчегот беше прекриен со македонското знаме, а пред него стоеше венец на кој беше испишана порака од неговата двегодишна ќерка Антонија.
Рахимовски, кој е роден во Ниш, но пораснал во Скопје, беше испратен на последното почивалиште со македонската народна песна „Зошто си ме мајко родила“, која му била една од најомилените.
„Аки го живееше животот со полни гради, живееше барем два-три животи. Тој беше воз кој никогаш не запираше. Патувавме брзо. Се надевам дека сега си спокоен и го пронајде мирот што го бараше“, кажа расплаканиот Хусеин Хасанефендиќ-Хус, кој со Рахимовски ја основа „Парни ваљак“ во 1975 година.
Стотина луѓе дојдоа да му оддадат последна почит на Рахимовски, кој ненадејно почина во саботата на 66 години. Меѓу нив беа и бројни хрватски музички ѕвезди, како Нина Бадриќ, Џибони, Нено Белан и Дино Јелушиќ.
„Го познавав 33 години. Секогаш верував дека е неуништлив човек“, изјави Џибони.
Емотивен говор одржа и ќерката на Рахимовски, Дина.
„Во една прилика ми кажа дека е лесно да се биде висок, но тешко е да се биде голем човек. Ајде, бегај, така ми зборуваше. Ајде, бегај тато, зашто горе им е досадно без тебе“, кажа таа.