Луѓето кои имаат психички тегоби како последици на коронакризата, треба првично да поразговараат во рамките на своето семејство и ако овие проблеми продолжуваат да постојат, треба да побараат специјалистичка помош, вели професор д-р Сашо Стојчев, специјалист невропсихијатар. Но д-р Стојчев потенцира дека не треба да се земаат антидепресиви на своја рака, туку одлуката за тоа да му се препушти на лекарот-специјалист.
„Доколку земате седативи на своја рака, несоодветно одбрани, во несоодветни дози, мора да знаете дека постои опасност од потреба за постепено зголемување на лековите со што може да стекнете зависност, која исто така многу тешко се лекува. Зависноста понекогаш може да доведе до многу поголеми психолошки нарушувања отколку неземањето на седативи. Не заборавајте и на тоа дека ако подолго време не спиете, а поради тоа и послабо функционирате на работните места, доколку сте понервозни, понетолерантни, напнати и имате импулсивност во вашето однесување, веројатно ви е потребен, ако ништо друго, еден разговор со невропсихијатар, психијатар или психолог“, вели д-р Стојчев, поранешен долгогодишен директор на болницата „8 Септември“ кој од годинава е менаџер на приватната болница “One” во Тетово.
Тој вели дека пролонгираната криза со заразата со коронавирусот влијае на психата кај луѓето со појава на нарушување на расположението, нарушување на сонот, промена на апетитот, било да е во смисла на негово смалување, но и зголемување. Се смалува функционалноста, се губи животната енергија, со жалби на чести главоболки, чувство на замор, потиштеност, безволие, избегнување контакти, изолирање во домашни услови, губење желба за комуникација, констатација дека ништо не ги чини среќни.
„Но, не само инфекцијата која трае со месеци влијае на појавата на психички нарушувања кај луѓето. Изолацијата, карантините, редуцираните директни контакти со блиските и со пријателите, исто така ја продлабочуваат психичката криза“, вели д-р Стојчев.
Тој смета дека глобално, психолошките проблеми кај популацијата зависат од повеќе фактори. Сите луѓе се различно чувствителни на стрес, особено кога стресот е пролонгиран, со чувство на витална загрозеност на поединецот или неговите најблиски.
„Отпорноста е различна кај секого. Можеби постарите, имајќи поголемо животно искуство и можна нивна сооченост во минатото со слични стресни состојби, се на некој начин и поотпорни на овој вид стрес. Но, секако дека кај нив доминира и стравот по нивниот живот, бидејќи болеста најчесто има потешка клиничка слика кај нив“, вели д-р Стојчев.
Според тоа како реагираат на кризата со ковид-19, д-р Стојчев смета дека кај нас постојат три групи луѓе: добро информирани, неинформирани кои и одбиваат да знаат за болеста, и луѓе кои претерано се оптоваруваат со болеста.
„Првата група се луѓе кои се релативно добро информирани за инфекцијата, за начинот на нејзиното пренесување, за неопходните мерки за заштита и постојано ја следат тековната состојба на истата. Тие најчесто реагираат адекватно на психичкиот пролонгиран стрес. Кај секој поединец реакциите се различни, но во целина се справуваат со подолготрајниот стрес. Втората група се луѓе кои, за жал, сè уште не веруваат дека постои опасна светска пандемија, не се доволно информирани, а најчесто и не сакаат да се информираат за болеста. Често поставуваат прашање дали некој воопшто верува во тоа, наведувајќи дека сè е политика и дека тие лично не чуле оти некој е навистина болен“, вели д-р Стојчев и додава:
„Кај оваа група стресот е минимален поради игнорирање на реалната состојба, најчесто не ги почитуваат мерките за заштита и ги игнорираат уредбите донесени од владата. Но, сè до моментот кога тие лично или преку нивните најблиски ќе се соочат со болеста и со нејзините последици. Тогаш е можна појава на сите психолошки нарушувања“.
За третата група вели дека ја сочинуваат луѓе кои се „премногу оптоварени со актуелната ситуација, надреално се оптоваруваат со проблемот, ја следат секоја промена на состојбата, но прифаќаат и неточни, непроверени информации кои ги збунуваат и кај нив создаваат несоодветна напнатост, страв и несоодветни и нецелесообразни психолошки реакции, најчесто со паничен страв, поголема редукција на расположението, изразена несоница, нарушувања во нагонската сфера и друго“.
„Кај секој од нас, во зависност од нашата структура на личност и отпорноста кон стресот, се јавуваат различни психолошки проблеми. Во зависност од нивната тежина, колку секој поединец пати од сите овие тегоби, колку успева со нив да се справи и носи ќе зависи и потребата да се обрати и да побара психијатриска, психолошка или невропсихијатриска помош“, вели д-р Стојчев.
Тој смета дека пандемијата на коронавирусот која го зафати целиот свет влијае и на тоа да се случуваат различни психолошко-психијатриски проблеми кои луѓето ги доживуваат секојдневно, со оглед на тоа дека епидемијата напредува, со зголемување на бројот на заболени, а особено и поради фактот на сè поголем број на починати, а сè почесто и на помлади луѓе во нивната 4. и 5. деценија од животот.
Според д-р Стојчев, ако при прегледот од невропсихијатар или психијатар се констатираат и други нарушувања, кои сугерираат на можно соматско заболување кое е затскриено зад психолошките тегоби, можеби ќе биде потребно да се спроведат и дополнителни радиолошки и други испитувања.
Од Универзитетската клиника за психијатрија ја потенцираат важноста за унапредување на менталното здравје, посебно во време на актуелната пандемија со ковид-19.
„Повикајте го вашиот доктор, психијатар или психолог ако стресот е присутен во текот на вашите дневни активности неколку дена по ред и не успевате да најдете начин како да се справите со него“, велат докторите од Клинката.
Клиниката за психијатрија има отворено повеќе телефонски линии, наменети за психолошка поддршка на возрасни во самоизолација, за мајки во бременост и по породување, за родители на деца на предучилишна и училишна возраст, за адолесценти, за родители на деца со пречки во развојот, како и една телефонска линија за психолошка поддршка на албански јазик.
Телефонските броеви од линиите за психолошка поддршка се:
- возрасни во самоизолација 072 919 009
- мајки во бременост и по породување 078 378 766
- родители на деца на предучилишна и училишна возраст 072 912 676
- адолесценти 078 378 728
- родители на деца со пречки во развојот 070 291 574
- психолошка поддршка на албански јазик 070 291 657
„Изминатиот период од отворањето на телефонските линии покажа дека тие беа потребни за многу граѓани кои првпат се соочуваат со ментални потешкотии, како и за луѓе кои веќе имале искуство со сервисите за ментално здравје“, велат од Клиниката.
Б. НЕСТОРОСКА