АКО ПРЕСТАНАМ ДА ВЕЖБАМ, ГОТОВ СУМ, ВЕЛИ 72-ГОДИШНИОТ НАЈСТАР АКТИВЕН БОДИБИЛДЕР

    АКО ПРЕСТАНАМ ДА ВЕЖБАМ, ГОТОВ СУМ, ВЕЛИ 72-ГОДИШНИОТ НАЈСТАР АКТИВЕН БОДИБИЛДЕР72-годишниот тетовец Хасан Камбери пет пати неделно вежба бодибилдинг по 2 часа (Фото: СДК.МК)

    Во вежбалната на фитнес клубот „Гладијатор“, тетовецот Хасан Камбери ги прави секојдневните вежби. Во рацете држи два тега, секој по 15 килограми тежок, и ги крева како од шега. По десетина минути кревање тегови, преминува на справата за јакнење на градните мускули и така од справа на справа цели два часа Хасан вежба речиси без престанок. На прв поглед ништо невообичаено за некој кој се занимава со бодибилдинг, но Хасан сето ова го прави на 72-годишна возраст и со тоа сигурно е најстариот активен бодибилдер не само во Тетово туку и во Македонија.

    Јас никогаш не сум користел стероиди за зголемување на телесната маса, односно за пумпање на мускулите, вели Камбери (Фото: СДК.МК)

    „Годините воопшто не се проблем, важно е да имаш волја да вежбаш и да сакаш да го одржуваш своето тело. Јас почнав да вежбам кога имав 23 години, значи пред речиси 50 години, и еве и сега сè уште активно вежбам. Но тогаш, на почетокот, тоа беа сосем други времиња, немаше вакви справи за вежбање, всушност не ни знаевме дека постојат. Тогаш отидов на еден отпад во Тетово и најдов неколку стари железни запчаници од камион. Ги заварив на една метална шипка и тоа беа моите први тегови за вежбање. Кога се јави потреба за тегови со поголема тежина зедов две метални канти, ги наполнив со бетон и така добив потешки тегови. Навистина, иако во тоа време немаше справи за вежбање, постоеше голем ентузијазам и желба за успех и тоа нè тераше, мене и моите пријатели, сè поупорно да работиме и да ги градиме и развиваме нашите тела“, се сеќава Камбери.

    Набрзо го формира и првиот бодибилдинг клуб во Тетово, во кој вежбаат многу млади тетовци. Со тоа станува, како што вели, основател на бодибилдингот во Македонија и организатор на бодибилдинг натпревари на ниво на Југославија, на кои се натпреварувале билдери со светско име. Вели, во тоа време идол му бил Петар Челик, легендата на југословенскиот и на светскиот бодибилдинг. Набрзо се спријателил и соработувал со него и од кого многу научил како правилно да го развива своето тело, како правилно да се храни но и да го пренесе тоа знаењето на помладите генерации. Исто така воспоставил пријателски врски и со Фикрет Хоџиќ од Босна и Херцеговина кој исто така бил познат боди билдер во тоа време, но кој подоцна загинал во војната во Босна.

    „За мене, ова е едниствениот спорт за кој нема старост. Редовно вежбам 4 дена, а не ретко и пет дена во неделата и тоа го правам редовно, без прекин досега. Редовно вежбам и кога е рамазанскиот пост. Тоа што не јадам преку ден воопшто не ми пречи да вежбам, бидејќи кога ќе почнам со вежбите заборавам на гладот. Можеби малку е проблем со водата бидејќи кога постаме не смеам да пијам, но и тука имам решение, пред почетокот на постот, добро ќе се напијам вода и тоа ме држи до вечерта“, вели Камбери.

    Загрижен е за младите, кои во трка за побрзи резултати често пати посегнуваат и по употреба на стероиди. Тој е голем противник на ова зло кое на спортистите им носи краткорочен успех но и долгорочни проблеми.

    „Јас никогаш не сум користел стероиди за зголемување на телесната маса, односно за пумпање на мускулите. Тоа е штетно и може само да создаде проблеми, бидејќи тоа е еден вид дрога. Тоа им го кажувам и на младите кои вежбаат, стериодите за кратко ќе ти направат големи мускули, но ефектите понатаму можат да бидат катастрофални за здравјето. Јас знам многу билдери кои така за кратко време целосно пропаднале. За жал, и кај нас има вакви случаи. Затоа јас користам само здрава, природна храна, да ги користев овие допинзи сигурно немаше да дотуркам до 72 години и уште активно да вежбам“ вели Камбери.

    Камбери секојдневно вежба во фитнес клубот „Гладијатор“ на неговиот пријател и ученик Емин Лимани (Фото: СДК.МК)

    Тој завршил Музичка академија, наставно теоретски смер, и работел како наставник во повеќе училишта во Тетово. Освен со музичко-педагошка дејност, се занимавал и со карате, бил и борач, но бодибилдингот останал негова најголема љубов и страст.

    „Да вежбаш некоја боречка вештина, како на пример бокс или карате, постои голема веројатност да те повредат, но во бодибилдингот самиот одредуваш колку ќе вежбаш и ако се држиш до правилата ќе можеш еве вака како мене, во осмата деценија, без проблеми да вежбаш. Затоа, велам дека е големо задоволството да се вежба овој спорт. Е тоа сакам да им го пренесам на младите, да им кажам дека наместо по цел ден да седат по кафеаните и кафулињата, нека одвојат малку време и нека вежбаат, тоа многу повеќе ќе им користи отколку по цел ден да пијат кафиња и пушат цигари или да запаѓаат во уште полоши пороци. Ова им го пренесувам на младите. Мене ме радува што мојот син Алберт тргна по мојот пат и стана познат бидибилдер во Македонија кој освојувал бројни награди во земјата и во странство“, со гордост вели Камбери.

    Тој секојдневните вежби ги прави во фитнес клубот „Гладијатор“ на неговиот пријател и ученик  Емин Лимани. Во клубот има преку педесетина најразлични справи за вежбање, а овде тој има повластена влезница бидејќи Хасан е „виновникот“ што и Емин го засакал бодибилдингот и што сега тоа му е животна и бизнис определба.

    „Првите чекори во бодибилгингот ги направив кај мојот професор Хасан. Ние сме соседи и на почетокот јас вежбав во неговиот бодибилдинг клуб. Професорот имаше големо знаење и нам несебично ни го пренесуваше. Така и јас се заразив со овој спорт па продолжив и понатаму, заминав во Измир во Турција каде завршив факултет за фискултура. Интересно беше тоа што истите работи кои професорот Хасан ни ги кажуваше тука, ги учевме и таму во Турција. Јас со одговорност велам, не е важно каква машина за вежбање имаш, важно е знаењето како да вежбаш, а тоа се пренесува само со искуство. Така јас го научив можеби основното правило во бодибилдингот, а тоа е дека не е важно колку товар дигаш, важно е како го дигаш, односно да знаеш како да вежбаш за да не се повредиш. Мене посебно ме радува што професорот Хасан секогаш е подготвен да ги посоветува младите кои почнуваат да вежбаат, па и постарите, но неретко знае да се консултира и со мене“, вели Лимани.

    Камбери привршува со своите дневни вежби. Капките пот на неговото чело и насмевката на лицето зборуваат за неговата животна радост кога е со справите за вежбање. Ни на сон не помислува да прекине со секојдневното вежбање поради годините.

    „Ако престанам да вежбам мислам дека ќе сум готов. Има уште сила во овие мускули, уште многу, многу сила“, со насмевка вели Хасан.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира