„Алкалоид“ оствари консолидирани продажби од 231,3 милиони евра, раст на консолидираниот извоз од 12% и доби 222 нови вработени во земјава во периодот јануари-септември 2024.
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари-септември 2024 продажбите достигнуваат 9.997.468.062 денари, што е за 9% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби достигнуваат 14.236.125.924 денари, што е за 14% повеќе.
Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 20%, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 12%. Од вкупните консолидирани продажби, 32% се остварени на домашниот пазар, а 68% на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 27%, во земјите од Западна Европа 21%, во земјите од Источна Европа 19%, а на другите пазари е остварен 1% од вкупните консолидирани продажби.
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 90%. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 10%.
Во 2024, „Алкалоид“ ја комплетираше реализацијата на својот најголем инвестициски потфат во последните две децении – новиот погон за производство на цврсти фармацевтски форми Таблетно одделение 2.0 и придружните технички простории, во што вложи вкупно 19,4 милиони евра. Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари-септември 2024 изнесуваат 1.017.349 илјади денари.
Во 2024 „Алкалоид“ регистрираше ново друштво во Хрватска, „Алкалоид фарма интернационал“ ДОО Загреб и ново капитално поврзано друштво во Казахстан, „Алкалоид Казахстан“ ДОО, кое е прва подружница на компанијата во Азија. Лоцирана во градот Алмати, таа е 26. капитално поврзано друштво на „Алкалоид“.
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 2.295.936.326 денари, бележи зголемување од околу 9%, додека единечната нето-добивка изнесува 1.435.396.154 денари и е зголемена за 10%. Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата достигна 2.339.118.233 денари и бележи раст од 5%, додека консолидираната нето-добивка во износ од 1.381.386.743 денари е зголемена за 7%.
Во периодот јануари-септември 2024 во „Алкалоид“ се реализирани 222 нови вработувања во Македонија. Групацијата „Алкалоид“ брои 3.023 вработени, од кои 2.298 во земјава, а 725 во капитално поврзаните друштва во странство.
Акциите на „Алкалоид“ котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 и важат за едни од најтргуваните и најликвидни. Цената на акцијата во периодот јануари-септември 2024 се движеше од 18.151 до 22.700 денари или просечно, 20.751,37 денари за една акција.
Бизнис-планот за 2024 предвидува инвестирање на околу 10% од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 10% на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2023, како и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочувањето во однос на 2023.