„АЛКАЛОИД“ ОСТВАРИ РЕКОРДЕН ИЗВОЗ ОД 122 МИЛИОНИ ЕВРА И ИНВЕСТИЦИИ ОД 13,7 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ПЕРИОДОТ ЈАНУАРИ-СЕПТЕМВРИ 2022

    „АЛКАЛОИД“ ОСТВАРИ РЕКОРДЕН ИЗВОЗ ОД 122 МИЛИОНИ ЕВРА И ИНВЕСТИЦИИ ОД 13,7 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ПЕРИОДОТ ЈАНУАРИ-СЕПТЕМВРИ 2022Во првите девет месеци од годината во „Алкалоид“ се реализирани 161 ново вработување (Фото: СДК.МК)

    „Алкалоид“ оствари рекорден извоз од над 122 милиони евра, инвестиции од 13,7 милиони евра и 161 ново вработување во периодот јануари-септември 2022.

    Според единечниот биланс на успех, продажбите во истиот период достигнуваат 8.161.698.989 денари, што е за 14% повеќе во споредба со истиот период лани. Вкупните консолидирани продажби достигнуваат 10.988.914.294 денари, односно 16% повеќе. Консолидираните продажби на домашниот пазар се зголемени за 3%, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 23%. Од вкупните консолидирани продажби, 69% се остварени на странските пазари.

    Најголем пораст на извозот е забележан во Турција (169%), Полска (161%) и Романија (138%). Во сегментот фармација се реализираа првите поголеми продажби во Португалија во износ од 12,5 милиони денари и во Монголија (12,8 милиони денари).

    Според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество зазема фармација – 88%. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 12%. Сегментот фармација бележи раст од 17%, хемија од 16%, козметика од 5% и билкарство од 26%.

    Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари-септември 2022 изнесуваат 841.996.474 денари.

    Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 1.917.509.370 денари, бележи зголемување од околу 14%, додека единечната нето-добивка изнесува 1.160.140.040 денари и е зголемена за 19%. Консолидираната добивка пред ЕБИТДА достигна 1.980.880.390 денари и бележи раст од 12%, додека консолидираната нето-добивка во износ од 1.140.263.568 денари е зголемена за 15 %.

    Во периодот јануари-септември 2022, во „Алкалоид“ АД Скопје се реализирани 161 ново вработување. Групацијата „Алкалоид“ сега брои 2.617 вработени, од кои 2.015 во базата во Скопје, а 602 во подружниците во странство.

    Акциите на „Алкалоид“ котираат на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 и важат за едни од најтргуваните и најликвидни. Цената на една акција во периодот јануари-септември 2022 се движеше од 15.598 до 19.400 денари или просечно 17.531,40 денари, што претставува раст од 14,8%.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира