„Алкалоид“ остварил 121 ново вработување, инвестиции од над 524 милиони денари и консолидирани продажби од 6,27 милијарди денари во периодот јануари-јуни 2021.
Според единечниот биланс на успех, продажбите достигнуваат 4.788.760.106 денари во периодот јануари-јуни 2021, што е за 1% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби достигнуваат 6.272.411.971 денар, 3% повеќе во споредба со лани.
Консолидираните продажби на домашен пазар се зголемени за 7%, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 1%. Од вкупните продажби, 35% се остварени на домашен пазар, а 65% на странските пазари, најмногу во земјите од Југоисточна Европа – 34%.
Во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, 88%, а сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 12%.
Вкупните инвестиции во основни средства изнесуваат 524.113.924 денари.
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 1.065.699.771 денари, бележи зголемување од околу 13%, додека единечната нето-добивка изнесува 588.962.195 денари и е зголемена за 12%. Консолидираната добивка пред ЕБИТДА достигна 1.110.263.703 денари и бележи раст од 13%, додека консолидираната нето-добивка во износ од 583.524.249 денари е зголемена за 14%.
Во периодот јануари-јуни 2021, во „Алкалоид“ се реализирани 121 ново вработување во Северна Македонија. Групацијата „Алкалоид“ сега брои 2.479 вработени, од кои 1.909 се во базата во Скопје, а 570 во подружниците во странство.
Акциите на „Алкалоид“ котираат на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 и важат за едни од најтргуваните и најликвидни. Цената на една акција во периодот јануари-јуни 2021 се движеше од 13.300 до 16.500 денари или просечно 14.738,30 денари, што претставува раст од 23,3% во споредба со истиот период во 2020.