Градоначалничката на Амстердам го претстави планот кој предвидува преселба на сексуалните работнички од историскиот центар на градот во други области.
По серија неуспешни обиди во минатото, и Фемке Халсема, прва жена на чело на градот, наредната година ќе се обиде да го смени изгледот на улиците околу прославените канали и да ја исчисти популарната Зона на црвените фенери, со цел да им овозможи помирен живот на жените кои работат таму.
Според трите партии кои ја сочинуваат владејачката коалиција во градот, жените кои работат во областа Де Вален тешко заработуваат за живот и место тоа, се предмет на вознемирување и злоупотреба од страна на туристи.
„Со нивна преселба на нови локации, жените ќе можат да работат во анонимност, ослободени од туристи кои цело време ги фотографираат. Де Вален едноставно веќе не е идеално место за нив“, изјави Александер Хамелбург, советник од либералната партија Д66.
Тие велат дека сексуалните работнички сѐ почесто наоѓаат работа преку интернет и прозорците во Де Вален остануваат празни.
„Тоа би биле како хотелски соби, опремени со аларми и камери, каде што тие би биле целосно безбедни“, додаде Фемке Росма од партијата Грунлинкс.