АВГАНИСТАНСКИ ТИНЕЈЏЕРКИ ПРАВАТ РЕСПИРАТОРИ ОД АВТОМОБИЛСКИ ДЕЛОВИ

    АВГАНИСТАНСКИ ТИНЕЈЏЕРКИ ПРАВАТ РЕСПИРАТОРИ ОД АВТОМОБИЛСКИ ДЕЛОВИДевојчињата на возраст од 14 до 17 години планираат да ги завршат своите уреди до крајот на мај

    Млади авганистански роботичарки даваат свој придонес во борбата против коронавирусот, изработувајќи респиратори од автомобилски делови. Овие тинејцерки првпат го привлекоа интересот на светската јавност во 2017 година, кога освоија специјална награда на меѓународно натпреварување во САД.

    Авганистан има 38,9 милиони жители, но само 400 респиратори. Во земјата досега има 7.650 случаи на коронавирус и 178 починати, но властите очекуваат влошување на состојбата поради веќе нарушениот здравствен систем.

    Наречени „Авганистански сонувачки“, девојчињата од западната провинција Херат планираат да ги достават своите евтини респиратори до крајот на месецот. На возраст од 14 до 17 години, тие изградија прототип на респиратор користејќи мотор од стара „тојота“ и ланчаник од мотоцикл „хонда“. Тие велат дека нивните уреди привремено ќе ја олеснат состојбата на пациентите со респираторни проблеми во ситуација кога стандардни респиратори не се достапни.

    „Горда сум што сум дел од овој тим кој се обидува да им даде значајна поддршка на медицинските лица, кои се нашите херои во ова време“, вели капитенката на тимот Сомаја Фаруки.

    Во услови кога еден респиратор чини меѓу 30.000 и 50.000 долари, тинејџерките велат дека градат еден уред за околу 6.000 долари. Тие патуваат и надвор од својата провинција во потрага по делови.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира